Директорот на болницата во Тетово требало да изготви план за заштита од пожар, велат од Светска банка


Фото: Б. Грданоски

Планот за заштита од пожари требало да го изработи и спроведе болничкиот персонал под раководство на директорот на болницата во Тетово, велат од Светска банка за Дојче веле, по пожарот во модуларната болница кој однесе 14 човечки животи. Тендерот за изградба на тетовската, како и на останатите 16 модуларни болници ширум земјата во октомври 2020 година беше спроведен согласно домашната регулатива и правилата на Светска банка, од каде македонската влада зеде заем од 3,8 милиони евра. 

Според проектната листа за модуларната болница, која ја објави Дојче веле, се наведени надлежностите на централната и локалната власт, како и на првите луѓе на тетовската ллиника. На тоа веднаш реагираа од Општина Тетово отфрлајќи каква било надлежност при изградбата и контролата на објектот.

Во јавноста се поставија многу дилеми за пожарот во болницата кои се однесуваат на квалитетот на објектот, неговото менаџирање и надлежностите.

Според изјави од сведоци на настанот во модуларната болница немало противпожарни апарати.

„Проектната листа за изградба на модуларните болници вклучуваше конкретни мерки фокусирани на заштита од пожари и подготвеност за итни случаи за време на изградбата, а исто така постоеше обврска да се воспостави ‘План за заштита од пожари’ на почетокот на работата на објектот“, објаснува за ДВ претставник на Светска банка. Тој план требало „да се изработи и спроведе од назначениот болнички персонал под одговорност на директорот на болницата“, дополнуваат оттаму.

Од Светска банка не сакаат да коментираат во врска со техничките спецификации на проектот по кој се градени модуларните болници во земјата. „Очекуваме истрагата да даде дополнителни детали за техничката спецификација“, вели портпарол на банката со седиште во Вашингтон за ДВ. 

Оттаму само укажуваат дека согласно нивните препораки сите нови згради треба да бидат дизајнирани, изградени и раководени во целосна усогласеност со локалните закони за градење и регулативи, и во согласност со меѓународно прифатени стандарди за заштита на живот и заштита од пожар. Дополнително, упатствата за јавни набавки на Светска банка прецизираат дека за сите меѓународни тендери, позајмувачот, во случајов Северна Македонија, мора да ги наведе меѓународно прифатени стандарди со кои опремата, материјалите и изработката ќе се усогласат.