Директорот на БЈБ нема сознанија дека изборите може да бидат нарушени


Директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски денеска имаше  работна средба со претставници од Специјалната мисија на ОБСЕ/ОДИХР за проценка на изборите , предводена од Тибор Немеш, експерт за безбедност.Немеш, како што соопшти МВР, истакна дека мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ги следи здравствените и безбедносните протоколи.

Директорот Тасевски упати покана за Специјалната мисија на ОБСЕ/ОДИХР да присуствуваат на Оперативниот штаб кој е формиран за претстојните парламентарни избори. Тасевски потенцира, како што се наведува во соопштението, дека според сите досегашни анализи, нема никакви сознанија дека изборниот процес може да биде нарушен, односно дека Министерството за внатрешни работи во координација со другите надлежни институции ги презема сите неопходни мерки и активности за изборите да бидат мирни и демократски.

Директорот Тасевски посочил дека досегашниот тек од кампањата се одвива без проблеми.