Директорот на битолската болница поднесува оставка по последните случувања


Дирекоторот на битолската болница Александар Обедниковски

 

БИТОЛА – Директорот на битолската клиничка болница д-р Александар Обедниковски се одлучил  да даде оставка од функцијата по последните трагедии  што го тресат битолското здравство. 

Д-р Обедниковски за „Независен“ кусо потврди дека утре официјално ќе поднесе оставка од функцијата директор од морални причини. 

„Утре ќе ја депонирам оставката како директор на Битолската клиничка болница. Тоа ќе биде официјално и од морални причини“, ни изјави д-р Обедниковски.

Ортопедот Обедниковски е на чело на Битолската клиничка болница од крајот на мај 2022 година, а во болницата е во работен однос од  2014 година како специјалист ортопед, а од 2018 година, супспецијалист трауматолог. Тој е еден од младите и надежни лекари во Клиничката болница, но како менаџер го потресоа трите несреќи за период од само 40 дена. Смртта на двете деца, Јана Христовска (6) и 12-годишното момче од селото Лера, како и трагедијата од вчера кога почина новороденче, беа силен удар за директорот Обедниковски и тој одлучи да се повлече од функцијата. 

За смртта на Јана и момчето од Лера веќе се отворени предмети во битолското јавно обвинителство, додека за смртта на новороденчето за скоро ќе се знае дали ќе биде отворен предмет пред ОЈО Битола. 

За сите три деца е направена обдукција, а јавноста со големо внимание ги чека резултатите дали имало лекарска грешка, за што единствено јавно сомневање изрази семејството на Јана Христовска од селото Кравари. 

Обедниковски е кадар на СДСМ, а сега се шпекулира дека битолската болница ќе ја раководи началничката на Интерното одделение при Клиничката болница Битола, д-р Елизабета Ивановска, специјалист интернист, супспецијалист пулмолог.  (А.Б.)