Директорката на „Комунална хигиена“ дојде со полиција, вработените трет ден нема да работат
Ова се случува откако директорката на Комунална хигиена не им го продолжи договорот на стотина лица, за кои тврди дека 20 години земале плата, а не оделе на работа. Таа вчера кажа и дека од нив добивала закани по живот. Обвини дека оваа група им се заканува на останатите вработени да не излегуваат и да работат и затоа вели таа, на 40 степени во среде лето не се собира ѓубрето и се загрозува здравјето на граѓаните на Скопје.
„Разговаравме за револтот и попречувањето на работниот процес, што е спротивно на законот. Ќе разговараме од понеделник. Работата треба да продолжи, а законите мора да се почитуваат“, изјави Мазнева по посетата синоќа во дирекцијата, по што еден од вработените ја прекина довикувајќи: „исполни ги условите, покачи ги платите“.
Вработените потоа продолжија: „Покачи ја платата 50 отсто и веднаш излегуваме на терен. И врати ги вработените“.
Директорката им одговори дека ќе добијат К15. Додека си заминуваше продолжија да се слушаат извици: „Покачи ја платата“.
Вработените трет ден одбиваат да работат и бојкотираат, а градот се гуши во смет. Дел од вработените се солидаризираа со оние на кои им престанаа договорите и ги оневозможуваат и другите работници да работат.
Градските општини апелираат градот и раководството на „Комунална хигиена“ да изнајдат решение и да го расчистат Скопје од сметот. Вчера со соопштение апелираше општина Центар, а денеска истото го побара и општина Аеродром.