Директорката и заменичката на „Гласот на Америка“ поднесоа оставки


 

Директорката на „Гласот на Америка“ Аманда Бенет и нејзината заменичка Сенди Шугавара поднесоа оставки во понеделникот.

Како причина наведоа дека новоименуваниот директор на Американската агенција за глобални медиуми Мајкл Пек, кој ја надгледува работата на „Глас на Америка“ има право да ги замени со сопствени кадри.

Бенет и Шугавара, искусни новинарки, го водеа „Гласот на Америка“ од 2016 година и значително го проширија известувањето на агенцијата, чија телевизиска и радио-програма се емитува на 47 јазици.

Во писмото со оставката, Бенет и Шугавара порачаа до вработените дека со нивното заминување ништо нема да се смени за нив.

Наведоа дека Пек пред Конгресот положил заклетва дека ќе ги почитува законските одредби кои гарантираат независност на „Гласот на Америка“.

Но, неговото именување, со тригодишен договор кој неодамна го потврди Сенатот, не помина лесно.

Претседателот на САД Доналд Трамп, го именуваше Пек, соработник на еден од своите најблиски идеолошки следбеници и поранешен стратег на Белата куќа Стивен Бенон, на позицијата директор на Агенцијата за глобални медиуми пред повеќе од две години.

Но, демократите во Сенатот до неодамна ја блокираа неговата потврда, делумно заради загриженост дека во неговото работење има финансиски малверзации. Изминатите недели Трамп го критикуваше „Гласот на Америка“ заради известувањето за Кина за време на епидемијата од корона вирус.

Кога на 15 мај беше поставено прашање за номинацијата на Пек, Трамп рече: „Со „Гласот на Америка“ ужасно се управува. Тие не се Глас на Америка, туку спротивно.“

Но, Аманда Бенет тогаш застана зад мисијата и известувањето на агенцијата која ја финансираат американските даночни обврзници.