Директорка на ученички дом во Битола тепала вработена


 

БИТОЛА – Директорката на ученичкиот дом во Битола, Елена Спасеновска, која е под истрага на ОЈО за криминал во работењето, денеска на работа, наводно, натепала вработена службеничка во просториите на домот.

Пред очите на повеќемина вработени, директорката, според искажувањата на сведоци, откако имала и вербални „пресметки“ со вработените, во еден момент физички ја нападнала вработената, со удари по главата и телото. Со цел да ја спречи во намерата со гребаници завршил и друг вработен.

Полицијата излезе на терен.

„Пријавен е физички напад од страна на вработена во ДУД ‘Мирка Гинова’ Битола, во простории на Домот. Полицијата постапуваше, излезе на лице место и направи записник Случајот не е затворен, дополнителни информации ќе следат“, потврдија од СВР-Битола, за „Независен“.

Ова е втор случај во период од два месеци, пријавен во полиција за малтретирање на вработени во средношколскиот дом  од претпоставен.

Имено, друга вработена од Домот побарала лекарска помош во Клиничката болница Битола, а од таму пријавиле во полиција, дека таа била малтретирана од претпоставена. Случајот го води Трудовата инспекција.

„Независен“ во февруари годинава ја отвори аферата со службените патувања на директорката Спасеновска во Албанија и Србија, со службеното возило за приватни цели и со исплатата на пензионер како советник во Домот.

ОЈО од Битола нареди да биде отворен предмет и интензивно се истражува не само злоупотреба на службеното возило за приватни цели, туку има индиции и за криминално финансиско работење во ученичкиот дом со низа злоупотреби на службата.

Од Обвинителството ни потврдија дека во истрагата за средношколскиот дом, отворена на 26 февруари годинава, се повикуваат сведоци заради прибирање на потребните известувања, а се прибираат и материјални докази. (А.Б.)