Директорите во М-НАВ попуштија – избраните кандидати за контролори одат на обука

На обука во данска ќе одат оние кандидати што ги избра данската компанија која ја правеше селекцијата, а не оние според партиски или татковски желби


Фото: Б. Грданоски

 

По огромниот притисок на јавноста околу хаосот што настана во македонска навигација (М-НАВ) при изборот на кандидати за контролори за летање директорите на ова претпријатие немаа друг излез освен да ги одобрат оние кои беа избрани на конкурсот.

Според соопштението од М-НАВ Управниот одбор денеска одлучил да го прифати изборот на кандидати за обука за контролори на летање, предложен од Комисијата за избор и селекција на кандидати и да даде насоки за нивно вработување на определено време и упатување на школување. Го задолжи претседателот на Комисијата да го извести економскиот оператор за одлуката и да побара известување за датум за почеток на обуката.

Од М-НАВ во соопштение велат дека „во ниеден момент немало ниту размислување, а уште помалку преземање дејствија за прекинување или поништување на огласот, како што беше наведено во некои изјави и медиумски натписи, а единствено е точно дека како раководство на оваа институција доследно се придржуваме кон нормативните акти“.

„Ве известуваме дека согласно доставената дополнителна документација на  10.11.2022 година,  Извештај со резултати од тестирањата со FEAST тестот во печатена форма од 13 кандидати кои успешно ги положија сите тестови спроведени од страна на ‘Гејт авиешн тренинг’ од Данска и во соработка со комисијата на М-НАВ , а во врска со Огласот за прием на осум кандидати на обука за стекнување дозвола за контролор на летање и вработување на определено време, Управниот одбор во текот на денешниот ден ја разгледа целокупната документација и донесе одлука за потврда и прифаќање на изборот предложен од Комисијата за избор и селекција на кандидати и следствено даде насоки за вработување на кандидатите на определено време и нивно упатување на школување“, стои во соопштението од М-НАВ.

Тие жалат што имало „некои неточни и непроверени информации кои се пласираа во јавноста“ и со тоа се создала погрешна слика за процесот. „Единствено точно е дека како раководство на оваа институција доследно се придржуваме кон нормативните акти, како тие законски но и внатрешни на самата институција, со едниствена цел, избор на најквалитетните кандидати за нови кадри во М-НАВ“, велат од Навигација.

Уште наведуваат дека „никогаш не би дозволиле да се загрози безбедноста на воздушниот сообраќај над нашето небо при што критериумите за обезбедување на потребното ниво на безбедност и ефикасност при давање на услугите за воздухопловна навигација континуирано се и ќе се одржуваат на највисоко ниво“.

Одолговлекувањето на испраќањето на осумтемина кандидати на обука во Данска затоа што не биле избрани лицата кои ги протежирале директорите предизвика вистинска бура во јавноста. Наводно, тројца од кандидатите што отпаднале од селекцијата при конкурсот што ја правеа Данците според правилата на Еуроконтрол, биле деца на тројцата директори. А за некои имало и партиски препораки да бидат избрани. Тие барале од данската компанија избрана да ја врши селекцијата да им даде отчет за правилноста при одредувањето на бодовите и нивниот избор. Платата на контролорите е околу 2.000 евра.

Синдикатот на контролори на летање побара раководството на М-НАВ да ги испрати на обука селектираните кандидати, односно целиот процес да го спроведе според регулативите, а во знак на револт од состојбите околу огласот, триесетина раководни лица од пониско ниво – помошници директори, раководители на сектори, главни инструктори, експерти, побараа да бидат разрешени.

Вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, ги повика Управниот и Надзорниот одбор на М-НАВ да одговорат што се случува во Македонската навигација со конкурсот за контролори на летањето и дали тоа е на штета на квалитетни кадри и посебно за безбедноста.

Во објава на Фејсбук таа напиша: „Информациите за евентуално самоволно однесување на членови на УО на М-НАВ, спротивно на сите принципи на добро владеење, вклучително и одговорно и совесно вршење на функцијата во заштита на интересите на граѓаните, со право предизвикуваат голем револт во јавноста. Затоа, ги повикувам членовите на УО и на НО на М-НАВ да дадат одговор дали го загрозуваат конкурсот на контролори на штета на квалитетните кадри и на штета на безбедноста на сите нас. Одговорност мора да има“. Управниот одбор денеска го потврди изборот на данците за кандидати за контролори на летање. (Н.В.)