Директорите на Филхармонијата од Софија и на симфонискиот оркестар од Солун на роденденскиот концерт на Филхармонија


Нашиот маестро на пијано, со исклучителна меѓународна репутација- Симон Трпчески, кој со Македонската филхармонија за прв пат настапил на 15 години, а реализирал уште неколку заеднички концерти низ годините, вели дека чувствата работат интензивно пред вечерашниот настап , на кој ќе го изведе „ Концертот за пијано и оркестар во а- мол“ од Едвард Григ.

-Мило ми е што сум еве дел од нив. Секогаш кога се свири дома е посебно чувство. А, кога се има повод за особено еден ваков, сериозен и многу голем и убав јубилеј, секако дека чувствата работат со поголем интензитет. И мислам дека тоа се чувства кај сите колеги од оркестарот и им посакувам сѐ најдобро, изјави денес Трпчески за „Телма“.

Покрај делото на Григ, за кое Трпчески вели дека бара концентрација при изведбата на деталите, на родендентскиот концерт на Филхармонијата, насловен „ 80 години- Љубов“, ќе биде изведена праизведбата на „ Куклици“ од Ана Пандевска, со што продолжува традицијата на нашиот најголем симфониски оркестар за афирмација на домашното творештво. А, во завршиницата ќе биде изведена Симфонијата бр 1- „Титан “ , од Густав Малер.

Меѓу гостите на концертот, ќе бидат и директорите на Филхармонијата од Софија и на симфонискиот оркестар од Солун, пред првиот заеднички настап со нашата Филхармонија, на 17. февруари идната година во салата НДК.

Пред концертот, во фоајето ќе може да се види изложбата на фотографии, од развојот и најважните мигови во опстојот на Македонската филхармонија. А, ќе настапи и хорот „ Мирче Ацев“, со три композиции од основоположниците на овој оркестар, Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев.

Македонската филхармонија е формирана на 24 ноември 1944 година во домот на композиторот Тодор Скаловски. Првично се викала Државен симфониски оркестар. За 80 години постоење , одржала над 2500 концерти, со учество на над 3500 уметници.