Директорите на центрите за социјална работа бараат извинување од министерот, тој вели дека има оркестриран напад


Ѓоко Велковски

 

Дали имало или не незаконски исплати на социјална помош стана прашање за разидување меѓу техничкиот министер за труд и социјала од една и директорите на центрите за социјална работа и дополнителната заменичка-министерка за труд од друга. Директорите побараа извинување од министерот Ѓоко Велковски наведувајќи дека бил нарушен интегритетот на вработените и да не се подметнуваат политички игри.

Кабинетото на Велковски тоа го нарече „оркестриран напад“.

„Оркестриран напад по вчерашните објави за сторен криминал од страна на раководни лица во ЦСР нема да нѐ поколеба јавноста да ја дознае вистината тоа како се исплаќала социјална помош и социјални пензии. Овој атак има име и презиме, а јавноста многу добро знае кое е тоа. По вчерашната прес-конференција на повидок излезе грубата партизација на Министерството од изминатите министри. Од вчера сме сведоци и на притисоци кон вработени и инспектори да не се доставуваат податоци за откриените злоупотреби“, вели МТСП. Оттаму додаваат дека на прес-конференцијата во ниту еден момент не било потенцирано кои се одговорни лица вмешани во овие злоупотреби, туку се посочуваат дека во ова се вклучени повеќе лица и оти понатамошните постапки ќе ја утврдат одговорноста.

Дополнителната заменичка министерка, Јована Тренчовска, во пишана изјава наведува:

„Министерството за труд и социјална политика во време кога јас бев министерка не функционираше под притисоци и наредби. Демократското делување е едно од начелата по кои се водевме како кабинет. И токму затоа, ја искажувам мојата лична поддршка на сите директори на центрите на социјална работа, затоа што во две години мандат ниту еднаш не се посомневав во работата на вработените и никогаш корективните налози не беа истакнати јавно, во медиуми за политички поени. Воедно инспекциските надзори никогаш не беа користени за политички притисоци.

Последните реакции од кабинетот на техничкиот министер се проткаени само со напади, притисоци и видно непознавање на законите“.