Директорите ќе имаат поголема автономија, но и одговорност, најави ресорниот министер


Фото: Б: Грданоски

Ново во културата ќе биде начинот на буџетирање на Националните Установи, а тоа е делегираниот буџет, најави денеска Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков кој денеска беше во посета на културните институции во Општина Штип. Министерот за култура и туризам, Љутков посочи дека директорите и Националните Установи ќе имаат поголема автономија, во одлуките што ќе работат во текот на годината.

-Се разбира дека ќе имаат и многу поголема одговорност за тоа што го работат. Значи, ние како Министерство нема да ги селектираме проектите, туку од старт ќе одобриме средства, а понатаму ќе го евалуираме или ќе го мониторираме нивниот процес, како се работи, што мислам дека тоа е и наша задача и е попрактично да го правиме, и во делот на Фестивалите и во делот на капиталните инвестиции, вели Љутков.

Министерот за култура и туризам, Љутков по посетата на културните институции низ земјава вели дека голем број од нив имаат проблеми, особено во делот на стручниот и техничкиот кадар, а пак дел од објектите се оставени на половина од санација или изградба.

Токму во 2025 година и во наредните години, до крајот на мандатот цел ќе им биде да се завршат објектите. Што се однесува за извештајот, за работењето на неговата претходничка Бисера Костадинова-Стојчевска, министерот потенцира дека ќе треба период за целосно да се заврши.