Директори местеле плати во културата преку новата систематизацијa


Директори на дел од установите од културата местеле вработени да добијат повисоки плати со новата систематизација. Затоа Министерството за култура на тие установи им ги враќа систематизациите на преработка.Тоа е една од причините да не почне исплатата на задоцнетите јулски плати во сите установи од културата, објавува „Телма“.

“Дел од директорите на институциите , не знаеме точно кои институции , кои директори , се обиделе на одредени вработени да им ги подобрат работните места и да ги распоредат на повисоки работни места, со изработката на новата систематизација и новите решенија.Токму заради тоа Министерството за култура ги бара и новите и старите систематизации , за дане се случи истото што се случуваше со нивелацијата за одредени луѓе да фатат подобри позиции и за да земат поголема плата”,изјави за „Телма“ Гоце Павловски, секретар на синдикатот за култура.

Поради вратена систематизација на доработка, над 500 вработени во Националната опера и балет деновиве нема да ги земат платите за јули. И во НУБ „ Свети Климент Охридски“ нема плати зашто систематизацијата се уште не е доставена до Министерството.

Вицепремиерот за економски прашања Битиќи побара директорите кои не ги завршиле обвските да ги напуштат функциите.

“Соодветните раководни лица кои не испорачале тоа што е очекување од граѓаните, јас мислам дека не треба да очекуваат некој да ги смени , туку сами треба да си заминат” – тврди вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Новите систематизации се согласно новиот Колективен договор, на кој над 3000 вработени во културата чекаа 15 години.

Фото: Б. Грданоски

Новата министерка за култура Ирена Стефоска, на минатонеделната средба со синдикатите рече дека по доставените систематизации и пресметки ќе бидат пуштени и платите за август.

Со Колективниот договор платите ќе пораснат, но има и намалување кај поединци кои неиздржано порано земале високи плати со одлука на директорите.