Дипломатскиот синдикат бара мерки за заштита на вработените во МНР и конзуларните претставништва


Македонскиот дипломатски синдикат го повика раководството на МНР да се придржува до Законот за административни службеници и побара преземање на мерки за заштита на вработените во Министерството за надворешни работи и во дипломатско-конзуларните претставништва.

– По природата на својата работа, вработените во Министерството за надворешни работи и во дипломатско-конзуларните претставништва во странство на дневна основа доаѓаат во фреквентна физичка комуникација со лица од странство и домашни лица кои престојувале во странство. Со тоа дипломатијата влегува во редот на ризични професии од повисок интензитет, велат од Синдикатот.

Според Синдикатот, раководството на МНР сè уште нема преземено елементарни мерки за заштита на вработените од ширење на коронавирусот и бараат да се преземат мерки барем за набавка на средства за дезинфекција.

– Најмалку што Министерството за надворешни работи може да направи за здравствена заштита на своите вработени е да одговори на барањата на Македонскиот дипломатски синдикат и конкретно да се активира на планот на превенција и заштита на вработените. Што поитно тоа го стори, штетата ќе биде помала, сметаат од Синдикатот.