Дипломатскиот кор на изложба на Надја Розева – ексклузивната уметност ќе ве заинтригира (фото)


Како скапоцени камења кои како накит светат во кадифените витрини во приватните колекции и во најпознатите колекции во музеи и галерии ширум светот, така и медалните скулптури  на вештите раце на бугарската уметница и дизајнер Надја Розева (1974, Софија) , со импресивна светска биографија, синоќа во Чифте амам светеа и ја маѓепсуваа скопската културна елита и дипломатскиот кор кои во голем број и со огромни букети цвеќе дојдоа да ѝ оддадат почит на првата изложба од ваков вид во нашата земја која има цел да го насочи вниманието на јавноста кон интригантниот жанр на уметничкиот медал. Куратор на изложбата е Горанчо Ѓоргиевски.
 
 
Медалните скулптури на Надја Розева, воедно и префинета дама со стил, се на самиот врв во оваа уметност,  откупени за постојаните збирки на Британскиот музеј во Лондон, Кралскиот кабинет за монети, Стокхолм, Шведска, музејот Берген на Универзитетот во Берген, Норвешка, Националната уметничка галерија, Софија, Бугарија, Музејот на монети и Медали во Кремница, Словачка итн.

 
 
Медалните скулптури се создадени помеѓу 2003-2024 година, се пресек на дведецениската работа на уметницата во овој уметнички жанр кој се нејзина мисија по завршувањето на постдипломските студии по маркетинг на Универзитетот Рутгерс во Њу Џерси, САД.
 
Розева, воедно и сопруга на францускиот амбасадор во земјата, Сирил Бомгартнер, која живее во Скопје, веќе неколку години, во својата изложба вклучи еден од архитектонските и културните симболи на Скопје – Старата пошта со идеја да го насочи вниманието на јавноста кон итната потреба од нејзино реставрирање.
 

 

Медалот започнал да се изработува како независна форма на уметноста во 15 век, при што италијанскиот сликар Пизанело (околу 1395-1455) се смета за негов татко. Медалот нема парична вредност, но историски е поврзан со монетите.

Медалот, како што истакна синоќа во поздравниот говор, Розева, „е уметност за допирот на раката, што е предизвик затоа што на мала површина, треба да се каже многу и тоа концизно“,  а таа тоа го прави  со финеси и чувствителност.

Таа често работи во карактеристичниот за неа низок релјеф. Темите кои често ги користи се исконските библиски  приказни, античките грчки митови, жената како мајка, заводничка и создателка.

Во текот на времетраењето на изложбата, до 7 мај, уметницата ќе има презентација и ќе одржи предавање за жанрот на уметничкиот медал, а ќе одржи и работилница со студенти од различни универзитети.
 
 
 
Розева е активна и во областа на јувелирството и продукцискиот дизајн. Како бижутер таа ги создаде сребрените брошеви за Women’s Business Forum на списанието Forbes (2022, 2023), сребрениот брош за поддршка на жените жртви на семејно насилство на Фондацијата Emprove (2023) итн.
 
 
Розева има неколку специјализации за Издаваштво на Универзитетот во Њујорк – New York University (2000), Културна дипломатија (International Institute for Cultural Diplomacy), Берлин (2015), Културен менаџмент на Виена Унивезитат – Wien Univesitat (2019).
 
Л. Сабит
Фото: Национална галерија