Дипломатијата одамна е заболена, кога се испраќале амбасадори од фабрика за чоколадо или фирма за лекови, вели Османи
Можеби дојде време да се вадат валканите алишта на македонската дипломатија.
По скандалот со наводната одлука за испраќање на телевизиска презентерка за конзул во Њу Џерси, САД, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска презентираше дел од наводите на работната група која ги испитува сите дипломатски именувања од 2006 година до денес. Особено во времето на наговиот најголем критичар, поранешниот министер Антонио Милошоски.
Генерален конзул во Торонто бил испратен човек со факултет за физичка култура, амбасадор во Загреб со факултет за шумарство, а претходно бил управител на старски дом, амбасадор во Абу Даби претходно вработен во фабрика за чоколадо, а друг со искуство – придружба на сопруг-амбасадор, набројуваше Османи.
„Конзул во Солун, а потоа и амбасадор, бил директно земен од фирма за лекови. Генерален конзул во тој период, преземена од детска градинка. Генерален конзул во Торонто со факултет за физичка култура преземен од Агенцијата за млади и спорт. Амбасадор во Загреб имал факултет за шумарство, а претходно бил управител на старски дом. Амбасадор во Абу Даби претходно бил вработен во фабрика за чоколадо. Амбасадор во европска земја со претходно искуство – придружба на сопруг-амбасадор. Амбасадор во Анкара бил преземен од Македонски пошти“, рече Османи на прес-конференција.
Тој се пофали дека во неговото време, од септември 2020, се постигнало најмногу за професионализација на службата. Османи рече дека испратил 21 амбасадор или една третина од вкупниот број дипломатски конзуларни претставништва што го имаме, од кои 15 се дипломати од кариера.
Османи велеше дека предлозите поминувале на затворени седници на Владата затоа што биле доверливи информации. „И тие остануваат доверливи информации, независно дали е за амбасадори, дали е за конзули. Сè додека не се добие агреман од земјата каде што се упатува, таа информација останува доверлива. Затоа ние не можеме да потврдиме, на пример, кој е предлогот за Софија, иако е поминато на Влада, поминато е кај претседателот, веќе е упатено барање за агреман во Софија. Така е секаде во светот“, рече Османи.
Тој очекува многу брзо Владата да излезе со кандидат за амбасадор во Вашингтон.