Диор не носи на (модно) крстарење во Лече, царството на барокот


Италија (АП) – Креативната директорка на Диор, Марија Грација Кјури го однесе „Диор“ во нејзиното детство, во Лече, во јужна Италија, со колекцијата за крстарење за 2021 година со шоу во живо, кое стана светска реткост во ерата на коронавирусот .

Но, шоуто замалку можеше да не се случи.

„Тоа е одлука што ја донесовме во многу тежок момент“, рече извршниот директор на Диор, Пјетро Бекари во телефонско интервју. „Беше против сите логики, во април, кога беше прашањето: Дали ја прекинуваме работата со локалните уметници? Дали ја прекинуваме работата што ја започнавме? ”

Бекари рече дека иако карантинот заради коронавирус во Италија е сè уште во сила, Диор одлучи да продолжи со шоуто на кое се прикажани 90 модели, исто така, за поддршка на локалните уметници и занаетчии кои веќе биле ангажирани.

Кјури го избра Лече како носталгичен гест, по многу поминати лета во регионот Саленто каде е роден нејзиниот татко.

Првичниот датум за ревијата беше – 9 мај, а гостите беа ограничени на помалку од 80, главно пријатели и членови на семејството на дизајнерот и извршниот директор, плус роднини на уметниците.

„Тоа го сторивме со многу оптимизам и доверба и со големо чувство на одговорност“, рече Бекари.

За време на ревијата пред градската катедрала Дуомо, моделите одеа покрај сложената инсталација на уметникот Маринела Сенаторе, типична за уличен фестивал во јужниот регион Пуља.

Дел од материјалите од кои беа направени моделите , беа од лабораторијата за текстил Константин, здружение на жени во градот Уганџано Ла Киеса кои ја продолжуваат традицијата за правење чипка.

Неодамнешните Модни недели во Милано и Париз беа претежно дигитални, поради ограничувањата на патувањето и мерките на претпазливост, наметнати од вирусот. И септемвриските изданија во главните модни градови Њујорк, Милано, Париз и Лондон сè уште „лебдат во воздух“.

Но, додека другите модни куќи го намалуваат својот календар на настани, Диор работи со полна пареа.

Покрај колекцијата за крстарење, Диор овој месец беше зафатен со отворањето на петтата продавница во Париз, започна соработка со Најк и дигитално шоу за машка облека. Утре отвора изложба во Шангај – двојно поголема од изложбата минатата година во лондонскиот музеј за уметност и дизајн „Викторија и Алберт“.

Бекари не е ни сигурен дека катастрофата е на луксузниот хоризонт – и покрај пандемијата  што ги принуди продавниците привремено да ги затворат своите врати.

„ Мислам дека секоја компанија е различна, секоја има различен деловен модел и секоја има различен тип на клиенти “, изјави извршниот директор на Диор.

„Мислам дека во однос на ревиите, треба да го промовираме Диор. Ние сме моден бренд и мислам дека ова вбризгување новини го задржува интересот на многу наши клиенти. “