Дина Дума го снима низ Скопје вториот филм „Скејтањето не е за девојчиња“
Режисерката Дина Дума денеска почнува со снимањето на нејзиниот втор долгометражен филм „Скејтањето не е за девојчиња“, соопшти продукцијата „Сестри и брат Митевски“. Овој проект е копродукција помеѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, од каде доаѓаат креативната и техничката екипа, а дејството се случува во ромска заедница во скопската населба Шуто Оризари.
„Ова е филм кој следи три генерации жени, додека тие се движат низ судирот помеѓу традицијата и предизвиците од модерното време. Низ светогледот на 12-годишната Адела, филмот ни отвора свет во кој три генерации жени се осмелуваат да ги препишат сопствените судбини и да ги оспорат границите на општеството обликувано од традицијата“, велат од продукцијата.
Филмот ќе се снима на локации низ Скопје. Главните улоги ги играат натуршчици и актери од ромската популација, Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула.
Сценариото е на Дума, а косценаристки се Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска. Директор на фотографија е Фредерик Ноиром, сценограф Вук Митевски, костимограф Матеја Фајт, шминката е на Мојца Горогранц-Петрушевска, а кастинг директор е Киријана А. Николоска. Продуцентка на филмот е Лабина Митевска, а копродуценти Себастијан Делој, Данијел Хочевар и Вања Сремац.
Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, националните и регионални фондови на Белгија, Словенија и Хрватска и од Еуроимаж. Паневропскиот филмски фонд „Еуримаж“ го поддржа новиот филм на Дума со 350.000 евра.
Дебито на Дума, „Сестри“, имаше светска премиера во 2021 на Филмскиот фестивал во Карлови Вари и е првиот македонски филм кој беше достапен на најголемата светска стриминг платформа „Нетфликс“.