Димовски возврати: Декласифицирајте ги документите, Мицкоски не беше таргет на АНБ

Од СДСМ порачаа дека кредибилитетот и довербата на граѓаните во АНБ се целосно нарушени по скандалот со назначениот партиски директор, Бојан Христовски. Затоа ќе ја почекаат истрагата


Виктор Димовски (Фото: Б. Грданоски)

Поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, возврати на тврдењата дека во негово време, додека раководеше со Агенцијата за национална безбедност, го прислушувал лидерот на тогашната опозиција Христијан Мицкоски и други лица. 

„Го повикувам директорот на Агенцијата веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, а особено тие кои се однесуваат на прислушување на тогашниот лидер на опозицијата. Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушувања“, побара во обраќањето преку социјалните мрежи Виктор Димовски. 

Натаму тој тврди дека Мицкоски воопшто не бил предмет на оперативен интетес на Агенцијата.

„Во текот на вчерашниот ден од страна на премиерот и од актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност беа изнесени сериозни обвинувања за наводна злоупотреба на државни ресурси за прислушкување на поранешниот лидер на опозицијата (сега премиер), бизнисмени и новинари од страна на АНБ и Агенцијата за разузнавање. Со оглед на тоа што во претходен брифинг за медиуми во АНБ бил споменат периодот од 2019 до 2024 година, во дел од кој и јас ја извршував должноста директор на АНБ, одговорно тврдам дека тој како лидер на тогашна опозициска партија во периодот од 2019 -2022 година не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки“, објави Виктор Димовски на својот Фејсбук профил.

„Точно е дека во наведениот период согласно законските надлежности во Агенцијата имаше постапка за преиспитување на проверките за безбедносни сертификати, вклучително и за еден тогашен и сегашен пратеник поради оддавање на класифицирана информација, а за што му беше поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство.

Во врска со тоа, на мое барање на дневен ред на надлежната собраниска Комисија за надзор на работата на АР и АНБ беше ставена точката за информирање за случајот и изнесените наводи во електронските медиуми од негова страна. Со оглед на сериозноста на изнесените наводи на синоќешниот прес и на претходниот брифинг во АНБ го повикувам директорот на Агенцијата веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, а особено тие кои се однесуваат на прислушување на тогашниот лидер на опозицијата. Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушувања!

Очекувам дека овојпат нема да има криење со изговори од типот ‘класифицирани информации со степен на државна тајна’, посебно после последните неколку објави во некои ‘информирани медиуми’ кои лиферуваат конкретни имиња на лица кои наводно биле таргет на Агенцијата, вклучително и податоци за идентитетот на вработени и тајни соработници“, истакна Димовски.

Од СДСМ исто така објавија дека внимателно ги следат информациите објавени во медиумите, откако Агенцијата за национална безбедност (АНБ) минатата недела соопшти дека доставила три известувања до Јавното обвинителство против поранешен директор и група вработени поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување во периодот 2019 – 2024.

„Според брифинзи пренесени од повеќе медиуми, биле оформувани предмети за оперативни обработки насочени кон лидерот на поранешната опозиција и сегашен премиер Христијан Мицкоски, јавен обвинител, поранешен министер и кон новинари. Факт е дека кредибилитетот и довербата на граѓаните во АНБ се целосно нарушени по скандалот со назначениот партиски директор, Бојан Христовски. АНБ се партизира и се става во функција на ВМРО ДПМНЕ и можноста од злоупотреби е огромна.

Оттука, СДСМ ќе се воздржи од коментари додека надлежните истражни органи не утврдат фактичка состојба. Очекуваме транспарентна и законска постапка да даде одговори на сите прашања. Убедени сме дека незаконското следење заврши со падот на режимот на ВМРО ДПМНЕ“, изјави Богданка Кузевска, портпарол на СДСМ.

Од Владата пак се јави со нова реакција премиерот Мицкоски драматизирајќи ги тврдењата за прислушкувањето и најавувајќи дека правда ќе има. 

„Јас лично, тогаш како претседател на најголемата опозициска партија, денеска како премиер заедно со новинари, медиуми, бизнисмени и јавни личности сме биле жртва на системот кој ги следел своите граѓани. Ова не е напад само врз мене, туку врз демократијата, врз правото на слобода, врз темелите на државата.

Сакам да порачам: Нема да има селективна правда. Ќе има одговорност. Ќе има правна разрешница. Нашиот народ предолго бил жртва на злоупотреби, на корупциски шеми и на тајни центри на моќ. Времето на недопирливи заврши.

Токму затоа партнерството за отворена власт е наш заеднички одговор. Затоа што таму каде што има светлина, нема простор за сенки. Кога институциите се отворени и отчетни, тогаш нема место за злоупотреба, ниту за загрозување на слободите и демократијата“, рече Мицкоски.

Во Македонија прислушувањето  отсекогаш било чувствителна и контроверзна тема. Со секоја промена на власта, јавноста сведочи како истите механизми за надзор и контрола се користат, но во различни политички контексти.  Првата голема афера со прислушување, позната како „Големо уво“, се случи на почетокот на 200-та година кога тогашниот лидер на опозициската СДСМ, Бранко Црвенковски, на прес-конференција обелодени стенограми од разговори на политичари, новинари и дипломати кои биле незаконски прислушкувани. Веднаш потоа, Основното јавно обвинителство побара истражни мерки и сослушување на 70 сведоци. Истрагата наиде на пречки, бидејќи Црвенковски одби да открие од кого ги добил транскриптите.

Десет години подоцна јавноста беше сведок на друга афера, позната како „бомбите“. Опозицијата СДСМ, предводена д Зоран Заев, објави серија прислушкувани разговори на високи функционери. Првите објавени разговори беа токму на Заев, што ја покажува сложеноста на политичките игри и ризикот од злоупотреба на информациите. Оваа афера го продлабочи сомнежот кај граѓаните дека прислушувањето е алатка за политички цели, а не механизам за законска заштита или безбедност. 

 

Зошто овој случај се отвори токму пред локалните избори – е друга тема. Одговорот веројатно е во незаинтересираноста и мртвилото што владее во јавноста околу главните политички партии, бидејќи граѓаните почнаа да бараат нови и независни опции.  Постојан наедно и обиди ова наводно прислушкување што го објави партизирана агенција за разузнување да се искористи во пресметка со актуелниот јавен обвинител што ВМРО-ДПМНЕ не успева да го смени а тој одбива да се повлече пред притисоците. Таква можност навести поранешниот директор на СОЗР и актуелен член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Томовски, според кого ако  Љупчо Коцевски бил одговорен за издавањето ПИ мерки од 2019 до 2024 година – тогаш станува јасно кој е одговорен за скандалот со прислушувањето новинари, медиуми и бизнисмени во АНБ.

„Главните прашања кои мора да бидат одговорени се: кој бил одговорен да го следи издавањето на ПИ мерките од 2019 до 202. година? Дали е впрочем за тоа одговорен сегашниот јавен обвинител Љупчо Коцевски? Ако тоа е така, станува појасно зошто СДСМ и ДУИ не гласаа за негово разрешување.Уште поважно е што и денес Венко Филипче е опкружен со истите луѓе кои прислушкувале и злоупотребувале државен систем. Истите тие се дел од понудата на СДС.

Но,треба да се одговори на прашањето кому и зошто служеле прислушкуваните материјали? Во која европска држава се следи лидер на најсилна партија и новинари и медиуми? Дали со добиените информации се тргувало со влијание и се уценувале бизнисмени? Времето ќе покаже, и ќе ги даде одговорите. Одговорност мора да има“, се огласи Томовски во партиско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

 Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, беше последен во хорот на „згрозени“ од нарушувањето на демократијата, што ја згазија со измените за потписи за независните. 

„Во едно демократско општество какво што сакаме да бидеме, следење и прислушкување на опозициски лидер, бизнисмени и новинари е сериозен удар и закана врз слободата и довербата во институциите. Кога службите што треба да ја гарантираат нашата безбедност биле злоупотребувани за лични и политички цели преку неовластено следење и прислушкување на политички опоненти и неистомисленици, тогаш се губи довербата во целиот систем. Тоа не е само нарушување на приватноста и кршење на законите, туку и опасен преседан што ја подрива демократијата и државата.Јавноста мора да знае кој, како и зошто во ОЈО дозволил злоупотреба и неовластена употреба на ПИ мерки? Зошто и за која цел биле прекршени законски пропишаните процедури? Дали токму затоа СДС и ДУИ во Собрание не гласаа за недоверба и смена на јавниот обвинител, Љупчо Коцевски?Токму затоа, уште еднаш го повикуваме обвинителството веднаш да реагира и да спроведе темелна и сериозна истрага, за да добиеме гаранција дека секој граѓанин ќе биде заштитен од ваква брутална злоупотреба на механизмите и системот’, порача тој со соопштение.  

Можно е сепак целата оваа афера е за да се обнови впечатокот во јавноста дека аферата во која беше вмешан Сашо Мијалков и за која беше целосно амнестиран и во која беше откриено прислушкување на десетици илјади граѓани, е нешто што го прави и СДСМ, а не само ВМРО-ДПМНЕ, иако пропорциите се неспоредливи и да е вистина дека имало прислушкување.   

Патем, Виктор Димовски беше предвреме повлечен од позицијата од АНБ и иако требаше да биде амбасадор во Франција и за тоа доби агреман, неговата кандидатура беше исто така повлечена.