Димовски: Собранието го чека извештајот на Советот на ЈО за разрешување на Јанева


Фото: Б. Грданоски

Во Собранието се уште не е пристигнат извештајот на Советот на јавни обвинители. Од медиумите разбравме дека во него има заклучок со кој се поведува постапка за разрешување на специјалниот јавен обвинител Катица Јанева, но не ги знаеме се уште основите врз кои тоа се бара. Го очекуваме извештајот, и во моментот кога ќе го добиеме ќе пристапиме под итно во насока на забрзување на постапката, изјави денеска претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Илија Димовски.

Во текот на денот тој почнал консултации со претседателот на Собранието Талат Џафери и со дел од координаторите на пратеничките групи.

Постапката, како што рече, е комплицирана, потребно е да се обезбеди согласност од политичките партии, Комисијата да го донесе заклучокот, практично Комисијата треба да предложи разрешување на специјалниот јавен обвинител и потоа да се закаже седница на Собранието за разрешување на Јанева од функцијата специјален јавен обвинител.

– Советот на јавни обвинители иако очигледно е подолг период под политички притисок од одредени центри на моќ во државата, засега успева да оддолее и да постапува стриктно онака како што законите предвидуваат, посебно Законот за ЈО. Апелирам Советот на ЈО така стручно, законито и одговорно да постапува и во постапките во наредниот период со цел колку толку, иако е руиниран правниот систем со владеење на СДСМ и срушена комплетната доверба и во  редовното обвинителство и во СЈО и во судскиот систем на државата, да се обидеме на да се врати полека довербата во судскиот систем, истакна Димовски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Димовски рече дека како претседател на Комисијата за прашања на избори и именувањата тој нема обврска да го чека резултатот од консултациите, преговорите или евентуално изгласување, односно неизгласување на новиот закон за јавно обвинителство.

– Во моментот и најмалку уште една година можеме да бидеме сигурни дека постои Закон за СЈО и се додека тој закон е во сила, како претседател на Комисијата за прашања на избор и именувања морам да ја следам и јас и сите повикани органи и тела во државата. Доколку се промени нешто во законодавна смисла, тогаш ќе се усогласуваме со новите правила. Но, во овој момент мораме да пристапуваме по лекс специјалис, рече Димовски.

На новинарско прашање дека мандатот на Јанева истекува на 15 септември годинава и како потоа ќе функционира СЈО, Димовски рече дека ако се дојде до ситуација да нема донесено нов закон или да и заврши мандатот на Јанева или да биде разрешена, тогаш Собранието ќе има обврска, вклучително и Комисијата да ја почне новата постапка за избор на специјален јавен обвинител.

– Доколку се случи тоа, не е донесен закон и е завршен мандатот на Јанева ќе треба да почнеме нова постапка и таа е исто така многу комплицирана. Потребна е согласност од четири партии, потребно е двотретинско и Бадинетерово мнозинство во Собранието, па потоа потврди од Советот на ЈО, но во рамки на сегашната поставеност на законите тоа е единствениот канал за излез од оваа ситуација. Висат комплетно незаконските идеи дека може Советот на ЈО да назначи в.д. без учество на Собранието. Тоа е практично поништување на Собранието како орган и гледам и сум радосен тоа што Советот на ЈО успева да биде резистентен кон политичките притисоци во врска со ова прашање, посочи Димовски.