Димовски: Само Собранието може да назначи нов специјален јавен обвинител


Фото: Б. Грданоски
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, кој е и претседател на Комисијата за прашања ма изборите и именувањата во Собранието, со фејсбук-статус ја појаснува процедурата за избор на нов специјален јавен обвинител.
„И изборот (член 3) и разрешувањето (член 18) на СЈО е регулирано со специјалниот закон и не може и не смее да се применува друг закон.
Постапката е строга, зошто и институцијата е значајна.
Во двете постапки (и избор и назначување) Собрание на Република Македонија и Комисија за прашања на изборите и именувањата не може, ниту смее да се прескокнат, односно ниту да се разреши СЈО, ниту да се назначи вршител на функцијата СЈО без овие две инстанци во постапката.
Советот на Јавни обвинители во постапката за избор и назначување на СЈО може да постапува само по предлог на Собранието, претходно утврден од Комисијата за избори и именувања, а изгласан со двотретинско и бадинтерово мнозинство.
Советот и на Јавни обвинители во постапката за разрешување може да постапува само како предлагач, односно да достави Извештај до Собранието за утврдено незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата СЈО. Конечната одлука во оваа постапка ја носи Собранието на Република Македонија.
Се друго е надвор од законите“, стои во статусот на Димовски.
Откако вчера специјалната јавна обвинителка Катица Јанева беше однесена во притвор како осомничена во случајот „Рекет“, најпрво обвинителот Љубомир Јовески сугерираше дека Советот на јавни обвинители ќе одлучи кој ќе ја замени на местото прв човек ја СЈО, но бидејќи ваква ситуација не е предвидена во Законот за СЈО, многумина различно ги толкуваат одредбите.