Димова не ги доделува грантовите, Златковски тврди дека проектите се сработени


Низ голгота поминувала три дена директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова, откако во медиумите беше објавено дека на фризерница од Скопје ѝ биле доделени во три нарвати 270.000 евра за спроведување образовни програми.

– Информациите кои беа пласирани изминатиов период се тотално замајување на јавноста, рече директорката на Националната агенција за европски образовни Лидија Димов, на прес-конференција.

Димова рече дека магарињата не се толку смешни како што сакаше да се направи приказна во јавноста додавајќи дека тоа не било случајно.

-Таа небулоза произлезе од господинотТортевски кој се забавуваше со темата магариња, а тој има тужба против Националната агенција бидејќи му скративме средства за проект и тоа не беше толку случајно – изјави Димова.

– Парите се делат по програма која ја утврдува Брисел, ние добиваме прирачник во кој се дадени сите правила како се оценуваат проектите и како се даваат парите. Станува збор за давање на грант, точно, поточно на повеќе грантови, но не на фризерница, туку на претпријатието В.Е.З ТРЕЈД, а господинот Зоран Златковски е сопственик пред чија продавница се направија многу монтажи, а последната е дека јас со него се наоѓам пред неа. Дури и тоа да беше фризерница, во Еразмус програмата има простор за сите, во минатото сме давале такви грантови и тоа не е ништо спорно. Другата манипулација е дека директорката е таа која ги дава парите, а тоа тотално е неточно. Ние сме на еднакво ниво како и државите членки на ЕУ и ги применуваме нивните правила, изјави Димова.

Зоран Златковски, сопственик на В.Е.З Трејд, кој присуствува на прес-конференцијата рече дека со парите кои ги добил како грант, сработени се проекти со повеќе средни училишта. Ученици присуствувале на повеќе обуки во странство во врска со медиумска писмеснот. Во рамки на проектите, додаде Златковски, изработено е и видео, како едукативно видео од областа на медиумската писменост, а треба да биде емитувано на МРТВ за време на Неделата на медиумска писменост, односно од 26 октомври.

За ова што го тврди Златковски, вели дека поседува соодветна документација.

Директорката Димова пак, како што рече, ја`разочарала`ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека нема да даде оставка, се додека не расчисти како се проневерени 2,2 милиони евра од Националната агенција, во времето кога со неа раководеше кадар од оваа партија.

Одговарајќи на новинарско прашање со што се занимава неговата фирма, Златковски прво рече дека таа е квалификувана да ги користи Еразмус програмите . Објасни декаа постои од 2001 година и од тој период наваму работела со различни дејности.

-Моментално, според тековната состојба е регистрирана како фризерски салон и салон за убавина. Меѓутоа со тековната состојба фирмата има и општа клаузула со дејност, а тоа значи дека може да се занинава со се што е регуларен бизнис во државата, рече тој.

Запрашан дали дејноста ссе менува во зависност одд тоа каакви проекти се доделуваат, Златковски одговори дека тоа зависи од приливите на средства.

-Тоа е регулирано со сметководствената евиденција. Доколку во овој период се остваруваат приходи во фирмата за одредена друга дејност, тоа се евидентира во сметководството и потоа Централниот регистар постапува според сметководствената евиденција и ја менува претежната дејност по барање. Онаму каде што има повеќе приходи, таму ќе биде и претежната дејност, како што е сега и случај, рече тој, нагласувајќи дека тоа не ја спречува фирмата В.Е.З. Трејд да аплицира во Еразмус програмата, како и дека до сега никогаш не била под удар на законот ниту пак била казнувана.