Димитров: Захариева кажува скандалозни невистини
Бугарската шефица на дипломатијата изјави дека Македонија имала помала усогласеност со надворешната политика од ЕУ и од Србија. Дека тоа било под 50 отсто
Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, жестоко ѝ одговори на бугарската шефица на дипломатијата по нејзините тврдења дека македонската надворешна политика била под 50 отсто усогласена со онаа на ЕУ. Па и дека тоа било помалку и од Србија.
„Ова е скандалозна невистина. Нашиот степен на усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, според последниот извештај на Европската комисија (октомври 2020) за 2019 изнесува 92%“, напиша Димитров на Фејсбук.
Захариева досега покажуваше завидно незнаење за многу области, но со оваа изјава веќе почнува да манипулира, затоа што документите на ЕУ покажуваат сосема поинакви факти.
Димитров го наведува делот на извештајот на Европската комисија за надворешната политика на Македонија во кој пишува:
„On common foreign and security policy (CFSP), the country aligned – when invited – with 84 out of 91 High Representative declarations on behalf of the EU and Council Decisions, representing an alignment rate of 92% in 2019“.
(„За заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП), земјата се усогласи – кога е поканета – со 84 од вкупно 91 изјави на Високиот претставник во име на одлуките на ЕУ и Советот, што претставува стапка на усогласување од 92% во 2019 година“.)
Димитров уште пишува: „Очигледно е потребна поголема внимателност, особено кога се работи за лесно достапни податоци. Вака впечатокот е разочарувачки – дека идејата била паушално да се оцрни соседот, што не би било ниту пријателски, ниту европски“.
Захариева во интервју за Бугарското национално радио, зборувајќи за руското влијание во Западен Балкан рече дека некои од земјите кандидати за членство во ЕУ од регионот се многу малку усогласени со заедничката надворешна политика на ЕУ кон Русија. И дека врз тоа влијаела Москва.
„Северна Македонија е една од овие земји, со исклучително низок процент, под 50 отсто на усогласеност со заедничката надворешна политика на ЕУ. Србија, исто така, е една од оние земји со помал процент, но не толку низок како Република Северна Македонија“, изјави Захариева и при тоа ја спомена Албанија, велејќи дека таа има прилично висока стапка на усогласеност во областа на надворешната политика со ЕУ.
Таа уште изјави дека „интерес на Бугарија е земјите искрено да го следат патот на пристапување, а не да прават еден чекор напред, а потоа три назад. Се обидуваме да ја намалиме напнатоста“.
Според неа, бугарската страна со месеци имала предлог за свикување на меѓувладината комисија за да се направела сериозна анализа на ситуацијата меѓу двете земји. „Имаме сериозни контакти на оваа тема. Се обидуваме да направиме протокол на комисијата. Во него има конкретни работи – историската комисија, да не се дозволи еднострана одлука за прекинување на работата на комисијата, за бизнисот, културата, образованието, одбраната, говорот на омраза. Предложивме назначување на специфични тела за да се намали говорот на омраза за да се одговори кога е потребно“.
Македонските официјални претставници неодамна изјави дека е договорен огромен дел од работите што треба да се разгледуваат на меѓувладината комисија.
Очигледно, односите меѓу Македонија и Бугарија одат уште некој чекор подолу и сега не е јасно како би можело да дојде до договор за спорните прашања. (Н.В.)