Димитров за „То Вима“: По Договорот од Преспа фокусот е на стартот преговорите со ЕУ

Грција – Договорот од Преспа претставува дел од меѓународното право, но сега имаме потреба од затворање на ова поглавје започнувајќи ги преговорите за членство. Тоа ќе ни помогне да ја надминеме поделбата кај нашиот народ, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за грчка „То Вима“ дадено по минатонеделната Конференција на високо ниво за Западниот Балкан во Солун.

Димитров ја окарактеризира како многу важна оваа грчка иницијатива што покажа дека Атина продолжува да ја поддржува европската перспектива на регионот што започна во истиот овој град во далечната 2003 (за време на грчкото претседавање).

– Никола Димитров во својот календар има заокружено цела низа клучни датуми. Но, најбитен е оној од 24 март. Тој ден треба да се одржи Советот за општи работи на ЕУ во Брисел  и на дневен ред е прашањето за определување датум за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија. За МНР на Северна Македонија , човекот што го стави својот потпис на Договорот од Преспа за решавање на прашањето за името, одлуката на Министрите за надворешни работи ќе биде од клучно значење, пишува „То Вима“ во воведот на интервјуто на Димитров.

Тешко и долготрајно приближување до Европа

Постапката за приближување и за зачленување во европските асоцијации секогаш била долготрајна и тешка, особено сега бидејќи Северна Македонија се движи кон избори на 12 април. Пред сѐ поради противењето на Франција, за давање на многу посакуваниот датум за преговори, минатиот октомври, во балканската земја се предизвика внатрешна криза и доведе до распишување предвремени избори.

Никола Димитров не ја крие загриженоста „ Се чувствуваме како главниот протагонист на филмот Groundhog Day (Денот на мрмотот) кој треба да направи сѐ совршено  за да се разбуди следниот ден. Не мислам дека сме совршени, ниту една земја не може да биде совршена. Но, верувам дека нашиот случај е силен“, забележува. „Инвестиравме во решавањето тешки прашања, направивме еден демократски пресврт во земјата. Имаме уште работа, но се движиме во вистинскиот правец. Успеавме исто така да го затвориме и последното легислативно прашање што беше важно за одредени земји-членки, но и за самите наши граѓани, гарантирајќи го продолжувањето на судските случаи, но и постоењето на едно тело на јавни обвинители кои ќе се борат против длабоката корупција. Шефот на ова тело ќе се избира од самите обвинители и нема да биде определуван од политичките партии во парламентот“ ни објаснува.

Густа програма и предизвици

Погледите сега веќе се свртени кон случувањата во март. Календарот е густ. Во следните денови, најверојатно на 4 март Европската комисија ќе ги објави Извештаите за напредокот за Северна Македонија и Албанија. Потоа ќе се спроведат два круга локални избори во Франција на 15 и 22 март. Овие избори од страна на многумина се сметаат како една од причините за тврдиот став на претседателот Емануел Макрон минатата есен. Два дена по вториот круг, на 24 март ќе се одржи критичниот Совет за општи работи. И доколку министрите за надворешни работи на 27-те земји-членки на ЕУ не успеат да се договорат, сѐ ќе се одлучува на Самитот на шефовите на држави и влади на Европскиот Совет на 26/27 март во Брисел. Француските грижи за  методологијата за проширување се смета дека се надминати по објавувањето на предлогот на Комисијата за еден поуверлив начин на контрола на напредокот на земјите кандидати.

– Новата методологија решава одреден дел од загриженоста на земјите-членки и ја содржи можноста за реверзибилноста (reversibility) нагласува г. Димитров. „Една земја-членка може да ја иницира оваа постапка и се бара квалификувано мнозинство за да се спречи. Се предвидува исто така корист за оние што ќе ги исполнат целите побргу, како и пристап кон повеќе средства. Доколку кон ова се додаде и претстојниот Извештај  во март, тогаш ги имаме елементите за успех. За нас ќе биде многу важно, важно е и за регионот, како и за нашите соседи, вели Министерот за надворешни работи и додава уште еден параметар со особено значење: „Важно е и за самата Европа, бидејќи денешната Комисија има амбиција да биде геополитичка и да игра поголема улога во светските случувања. Ако ЕУ не може да ја направи разликата со Западен Балкан, еден регион опкружен со земји-членки, ќе биде многу тешко да има слични амбиции вон европската географија“.

„НЕ“ за разногласието за Преспа

Внатрешната политичка состојба, природно, не е розова. Релевантни анкети нема, при што разликата меѓу двете големи партии, СДСМ на Зоран Заев  и ВМРО –ДПМНЕ на Христијан Мицковски е во рамките на статистичката грешка. Недвојбено, клучен фактор ќе биде како ќе гласаат Албанците во земјата, иако последниве денови се забележува еден значаен развој: СДСМ предизборно се согласи на изборната пресметка на 12 април да оди заедно со партијата БЕСА, трета по јачина партија кај Албанците по ДУИ и Алијансата за Албанците.

Сепак по неодамнешниот инцидент со сега веќе поранешната министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи и отстранувањето на таблата од Министерството на која што пишуваше „Република Македонија“, ги покажа проблемите што би можеле да произлезат со имплементацијата на Договорот од Преспа. Министерката која е член на ВМРО-ДПМНЕ беше разрешена, но Димитров е сосема јасен во својот став.

– Треба да бидеме чесни кон народот  и искрени кон гласачите. Можеби е легитимно некој да има таква агенда, но истовремено треба да ги имаме предвид и последиците. Не е праведно јавно да велиме дека Договорот од Преспа треба да се поништи, а зад затворени врати да им велиме на странските соговорници дека тој е реалност која што треба да ја прифатиме. ВМРО-ДПМНЕ го гласаше Вашингтонскиот договор (договорот за формирањето на НАТО), но се обиде да ги дискредитира оние кои ги гласаа измените на Уставот. Се спротивставуваат на Договорот од Преспа, но им се допаѓаат резултатите од него, завршува шефот на дипломатијата.

Што се однесува до имплементацијата на Договорот, оценува дека „секогаш можеме подобро“, но позитивно е што може да разговараме за прашања кои што произлегуваат, со добра волја и без да ја доведуваме во прашање целата постапка. – Заедно сме во сето ова и треба да им покажеме на нашите граѓани дека е во интерес на двете страни, вели министерот Никола Димитров за „То Вима“.