Димитров за датумот: Мудро е да не ги зголемуваме очекувањата
Подобро е да бидеме позитивно изненадени отколку разочарани – порача денес вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, на првиот состанок на Националниот совет за евроинтеграција откако функционира овој парламентарен состав.
Според него, искуството со одлуките на ЕУ изминатите години не тера на таква внимателност, бидејќи Европскиот совет донесе одлука дека целта е почеток на преговорите со Македонија во јуни 2019 година, а во јуни рече дека одлуката ќе ја донесе во октомври истата година. Тоа, нагласи Димитров, беа зборови на ЕУ а не наши, па откако и во октомври не ја донесоа одлуката мудро е да внимаваме во подигнувањето на очекувањата на јавноста.
Во пресрет на најавите на утрешниот протест на ВМРО-ДПМНЕ, која веќе со денови обвинува за предавство во преговорите со Бугарија и бара информации што содржи патоказот што се договара, Димитров без да изнесува детали од преговорите рече дека нашата позиција е кристално јасна,односно дека бараме квалитетно и одржливо решение кое не смее да навлезе во идентитетските прашања.
-Северна Македонија ги исполни сите предуслови и според многу земји членки и претставници на ЕУ институциите во Брисел, сме веројатно најдобро подготвената земја која треба да ги започне пристапните преговори. Точката на која застанавме е усвојување на текстот на Преговарачката рамка од страна на земјите членки. Да нема дилеми, нашите позиции се темелат на кристално јасни принципи и во однос на меѓународното право и во однос на Лисабонскиот договор и други важни столбови во смисла на правните акти на Европската Унија, како што се актите во областа на човековите права посебно”, рече вицепремиерот.
Според него влогот е голем за Македонија, а уште повеќе за македонско-бугарското пријателство, бидејќи ако нема решение и се труеме и натаму, пријателството ќе почне да се претвора во антагонизам. Тој притоа најави дека ќе биде многу отворен и нема да ги дотерува резултатите од кои зависи евроинтеграцијата, но посочи дека ако и натаму околу очигледен национален интерес имаме „политичка тепачка“, тогаш и власта и опозицијата ќе паѓаат во очите на граѓаните и во очите на ЕУ.
Пратеникот Љупчо Пренџов од опозицијата му реплицираше со тезата дека како држава ќе постигнеме успех ако не се монополизира евроинтеграцијата и не се претвора во сопственост на една политичка гарнитура. Нему не му се допадна умерениот, како што рече, песимизам на вицепремиерот оценувајќи сосема спротивно – дека кредибилитетот на ЕУ никогаш не бил под прашалник кај нас, туку проблем се изјавите последните месеци од страна на премиерот и од Димитров со кои бараат алиби на дневно-политички план.
-Овој Национален совет треба да зазема објективни ставови без да се оптоварува со лични рејтинзи, оцени тој, барајќи на ова тело да се зборува за остварените реформи во судството, за состојбата со корупцијата, за состојбата во економијата, да се направи ревизија на трошењето на европските фондови и да се каже дали има дипломатска офанзива за добивање на датумот за преговори, дали и каде се лобира и колку се зајакнати нашите дипломатски преставништва, иако токму ВМРО-ДПМНЕ ги кочи заминувањата на нови амбасадори во странство.
Вицепремиерот Димитров пред членовите на НСЕИ ги претстави активностите во рамките на „Агенда: Европа дома“, плановите за усвојување на новата Национална програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА 2021-2025) со среднорочна перспектива прилагодена на структурата на новата методологија за пристапни преговори, ревизијата на владиниот преговарачки институционален механизам, како и статусот на постапката за усвојување на Регулативата за ИПА 3 како услов за почеток на реализацијата на Економскиот и инвестициски план и Зелената агенда на ЕК за Западниот Балкан.(Н.В.)