Димитров во Загреб: Целосна поддршка од Хрватска за почеток на преговорите


Од средбата на Андреј Пленковиќ и Никола Димитров

На денешните средби во Загреб вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, доби целосна поддрпка за македонскиот пат кон Европската унија. Димитров се сретна со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и со министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ-Радман и при тоа се зборувало  очекувањата и изгледите за придвижување на пристапниот процес за Македонија, како и за домашните реформи и билатералната соработка. Димитров претходно беше во посети на Германија и Словенија.

„Токму овде во Загреб, пред две декади ја парафиравме Спогодбата за стабилизација и асоцијација со која започна нашиот евроинтегративен пат. Пријателска Хрватска била и останува еден од нашите најголеми поддржувачи во процесот на пристапување, а нивните заложби и посветеност се потврдија и за време на претседателството со Унијата кога во март 2020 година го добивме зеленото светло за почеток на преговорите“, рече Димитров.

Димитров посочи дека со премиерот Пленковиќ заеднички констатирале дека е потребно што е можно побрзо да се постигне консензус за Преговарачката рамка и да се одржи првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија.

„Крајно време е оваа одлука да стане реалност, порача вицепремиерот Димитров.

Соговорниците, како што соопшти СЕП, се осврнале и на тековната билатерална соработка која вклучува и конкретна поддршка за јакнење на националните административни капацитети за усогласување на законодавството со правото на ЕУ како и споделување на хрватските искуства за унапредување на координативните механизми и преговарачката структура. ​