Димитров во Брисел ќе бара преговори без одлагање


Министерот за надворешни работи  Никола Димитров, на 9 и 10 декември  ќе престојува во работна посета на Брисел.Во понеделник, министерот Димитров ќе учествува на работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ и на Албанија, во организација на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас.

Работниот појадок, непосредно пред одржување на Советот за надворешни работи на ЕУ, ќе претставува можност министерот Димитров да ги запознае министрите со последните политички случувања во земјата, со фокус на клучните приоритети поврзани со владеењето на правото, како и имплементацијата на договорите со Грција и Бугарија. Воедно ќе го повтори барањето Советот што е можно поскоро да постигне согласност за новата преговарачка методологија и без понатамошно одлагање да ја донесе одлуката за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија.

Во рамки на посетата на Брисел, министерот Димитров ќе се сретне со Оливер Вархеји, еврокомесар за соседска политика и проширување, како и со шефот на кабинет на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и со шефот на кабинет на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен. Предвидени се средби и во Европскиот парламент со претседателот на групата Обнова на Европа, Дачијан Чолос и со повеќе европратеници.