Димитров: Веројатно дигитален ќе биде состанокот за влез во следната фаза на евроинтеграциите


Ниедна земја не може да ни диктира кој е нашиот јазик и идентитет, рече Никола Димитров во Стразбур

Шефот на дипломатијата Никола Димитров во овие, како што рече, исклучително вонредни кризни околности не сака да дава прогнози за тоа дали ќе добиеме зелено светло за датум за почеток на преговори со Унијата, но напомена дека не гледа суштински пречки конечно да влеземе во следната фаза од евроинтеграциите.

Тој денеска на заедничката прес-конференција со шпанскиот амбасадор Емилио Лоренцо Сера, посветена на ратификацијата на Протоколот за простапување во НАТО во шпанскиот Сенат, во врска со датумот за почеток на преговори, одговарајќи на новинарско прашање рече дека во моментов прашањето е како во ЕУ ќе се одржуваат состаноците на различни нивоа.

Потсети дека утре претстои нов КОРЕПЕР, а сега засега е планирано да се одржи Советот за општи работи на 24 март.

-Меѓутоа  не е исклучено и овој Совет да се одржи дали со видео-конференција,  па правниците сега дебатираат дали на ваков начин може да се носат одлуки или тоа ќе биде повторно со писмени коментари , изразување на писмена согласност итн.  Со оглед на искуството од минатите две години, а особено сега во овие исклучително вонредни кризни  околности, јас се обидувам да не прогнозирам. Меѓутоа од ова што го следам, од вчерашниот телефонски разговор,  на кусо излегов од Советот за безбедност синоќа  да се слушнам со холандскиот МНР Стеф Блок, земја што е позната по својот стриктен  пристап кон исполнувањето  на реформите. Тој ми кажа дека  холандската Влада во целост се согласува со ЕК кога вели  дека Северна Македонија испорачала опипливи и  и одржливи резултати  и дека заслужуваме да почнеме пристапни преговори.  Да влеземе конечно во следната фаза од нашите евроинтеграции, рече Димитров.

Истакна дека сега прашањето е како ќе изгледа тој состанок, а веројатно е дека ќе биде дигитален.

-Меѓутоа светот мора да функционира , меѓународните организации мора да функционираат, државите  мора да функционираат и мислам дека е убаво во овие тешки времиња да има добри  вести. Ова ќе биде историски добра вест за нас, ама сигурно ќе биде добра вест и за самата ЕУ, додаде министерот за надворешни работи.