Димитров: Успехот на земјата во евроинтеграциите е успех за целиот регион

Шефот на дипломатијата Никола Димитров уверен во европските перспективи на земјата – успехот во европските интеграции на Северна Македонија е успех за целиот регион.

Димитров, кој денеска и утре престојува во работна посета на Берлин се огласи на својот ФБ профил, нагласувајќи дека следните два дена се клучни за европските перспективи на земјата.

– Следниве два дена, клучни средби за нашите европски перспективи! Имаме аргументи, и реформски и добрососедски. Нашиот успех, ќе биде успех и за регионот и за ЕУ. Убеден сум во тоа, а ќе ги убед(ув)ам и сите соговорници во Берлин, напиша Димитров на Фејбук.

Димитров на средбите со германски претставници ќе разговара за напредокот на земјава во евроинтеграциите.

На вториот од ден од посетата, како што соопшти МНР, на Димитров ќе му се приклучи и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, при што планиран е заеднички брифинг пред парламентарната Комисија за европски прашања во Бундестагот, на која ќе го презентираат  напредокот и подготвеноста на земјата за почеток на пристапните преговори со Европската унија, во пресрет на јунскиот Совет на ЕУ.

Димитров се очекува денеска да оствари средби со пратеници во германскиот Бундестаг, меѓу кои и со работната група за надворешна политика на ЦДУ/ЦСУ, како и со претставници на Канцеларијата на германската канцеларка Ангела Меркел.

Предвидени се и средби со министерот за Европа, Михаил Рот и новата лидерка на ЦДУ/ЦСУ, Анегрет Крамп-Каренбауер.