Димитров: Успехот на нашиот пристапен процес ќе биде успех и на Бугарија како сосед и пријател


Да не заборавиме, од двете зелени светла, едното – за Северна Македонија, беше безусловно. Значи, нема услов што треба да се исполни за да почнат пристапните преговори. Затоа е многу важно за ЕУ таа одлука да се спроведе, во смисла на прва меѓувладина конференција. Но, покрај македонскиот и европскиот влог, тука голем влог има и нашиот сосед – Бугарија. Мислам дека успехот овој процес да продолжи, ќе биде успех и на Бугарија, како земја сосед и пријател што сака да стане уште поголем пријател. Нема уште многу време, можеби уште четири – пет седмици. Ние на политичко ниво се обидуваме да стапиме во контакт, инициравме средби, работиме дипломатски посебно интензивно. Ќе видиме како ќе одат работите. Не би сакал да го потценувам предизвикот, но не смее да се потценува и огромната одговорност на сите вклучени, како и огромната шанса што е пред нас – да имаме успех и за нас и за нашите соседи и за ЕУ.

Ова го истакна заменик претседателот на Владата за европски прашања, Никола Димитров, одговорајќи на новинарски прашања на денешната заедничка прес-конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир, на која беше презентиран Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2020 година, како и пакетот за проширување.

Како што рече Димитров, во ова време невреме, со многу предизвици, немаме луксуз да пропуштаме вакви шанси за успех. Ако успееме и ако во декември има меѓувладина конференција, тоа ќе биде голем успех за земјава и за ЕУ.

-Имав корисни средби во Берлин и на сите ми беше потврдено дека еден од главните приоритети на германското претседатлество во делот на соседството е да почнат пристапните преговори со Северна Македонија. Мислам дека со таа поддршка и со мудрост од сите страни, ќе дојдеме до тој заеднички успех – и да заживее новата методологија и ние конечно да почнеме пристапни прегвори, бидејќи, судејќи според овој Извештај и ова што го слушам компаративно, извештаите за другите земји, за целиот регион, нашиот напор за реформи е шанса не само за нашите грашани, туку и за ЕУ да покаже дека овој процес вистински може да трансформира држави во европски демократии каде ќе владее правото. Така што, влогот не е само наш. Преговарачката рамка прв пат ќе ја отсликува и рефлектира новата методологија – процесот да ги наградува тие што ќе сработуваат и да ги казнува тие што нема да сработуваат или ќе одат назад, нагласи Димитров.

Според него, имаме шанса, со почетокот на пристапниот процес европската агенда да ја напрвиме контекст и платформа за соработка меѓу власта и опозицијата, за еден вид обединување на нацијата околу овој голем, историски товар.

-Тоа нема да оди лесно, нема да биде едноставно искушението да се чува друг интерес, а не овој или да се постигне дневно-политички поен. Ќе ни треба растење од сите страни за да можеме големите цели – европската кауза дома да ја туркаме сите заедно за да стане нациоанлен напор. Јас од оваа позиција ќе направам се Националниот совет за евроинтеграции да биде вистински искиристена за суштински, чести дебати за да се обединиме околу оваа агенда. Мислам дека ќе успееме, колку брзо – ќе бидиме. Ние правиме се за да дојдеме до целта, за оваа година да биде историска, подвлече вицепремиерот за европски прашања.

Во врска со Извештајот што претходно на прес-конференцијата го презентираше Гир, Димитров рече дека треба да бидеме задоволни од оценката на Европската комисија.

-Извештајот е објективна, сеопфатна и реална анализа на состојбите и остварениот напредок, но и референтна точка што ќе ги диктира реформите од европската агенда. Радува што покажавме напредок, особено во четирите клучни области: борбата против корупцијата и реформите на правосудството, на јавната администрација и на разузнавачките служби, потенцира Димитров и најави дека наредните денови ќе се прават подлабински анализи на Извештајот.