Димитров си станал при последниот разговор со Каракачанов и Захариева


Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, вечерва на „Топ тема“ на Телма откри дека во четвртокот имал видео состанок со неговите бугарски колеги кој пропаднал откако од Красимир Каракачанов и Екатерина Захариева го нарекле македонскиот народ „таканаречен народ“.

На тоа Димитров одговорил: „Мојот народ не заслужува вакво непочитување, јас ова не можам да го слушам“ и излегол. Според него, не може да има пријателство без елементарна почит, дека тоа не е инвестиција во добрососедство. После тоа состанокот траел уште сосем кратко и завршил.

Овој видео состанок се одржал по конференцијата на копретседавачите на Берлинскиот процес, бугарскиот и македонскиот премиер, во Софија. На него требало да се направи уште еден напор за да се дојде до заеднички прифатливо решение.

Димитров вели дека ставот за прашањата за идентитетот и јазик во македонската јавност нема да се смени „ниту до декември, ниту идната година, ниту за 7-8 години, ниту за 70-80 години. Ние сега треба да бидеме возрасни за да како земја кандидат со невозрасни изјави да олеснуваме лоша политика кон нас“.

Според него, ние не можеме да бидеме одговорни за друга држава, ние можеме да бидеме одговорни за тоа ние што го правиме и како држава, и како влада, како јавност, како народ.

„Бугарија е одговорна за тоа што го прави прави и зад тоа, се разбира, стои официјална Софија. Што славиме ние е наша работа. Каков јазик зборуваме ние е наша работа. Ако некој ни се меша во тоа или ни го предизвикува тоа, тоа е мешање во нашите внатрешни работи. Каков идентитет имаме, тоа е наша работа. Ние не се мешаме во идентитетот на кого било во соседството и пошироко. Не не се мешаме во тоа како соседите гледаат во сопствената историја, тоа е нивна работа“, рече Димитров.