Димитров: Се е подготвено за да се спроведат македонските државјани преку Деве Баир


Фото: Б. Грданоски

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска изјави дека се е подготвено за да се пречекаат околу 200 македонски државјани на македонско-бугарскиот граничен премин Деве Баир.

Во линковско вклучување за телевизија „24Вести“, Димитров истакна дека тие ќе бидат прифатени на начин кој ќе биде најдобар и за нивната безбедност и за здравјето на целата нација.

– Полицијата е подготвена и во координација со медицински екипи од Министерството за здравство ги чекаме луѓето кои во скоро време ќе пристигнат. Ќе бидат прифатени на начин кој ќе биде најдобар и за нивната безбедност и за здравјето на целата нација, рече Димитров.

– Не е време за патување во странство. Државите ги менуваат своите политики на дневна основа. Значи, македонски граѓани кои денеска ќе излезат надвор од границите, апсолутно е неизвесно кога ќе може да се вратат дома, порача министерот за надворешни работи Никола Димитров.

– Од утрово сме во комуникација со многу наши граѓани. Дури имаме една многу мала група во Лима, во Перу. Искрено мора да се разбере дека живееме во една неверојатна криза. Државите ги менуваат своите политики на дневна основа. Утрово добивме нова нота од соседна Србија. Значи македонски граѓани кои денеска ќе излезат надвор од границите, апсолутно е неизвесно кога ќе може да се вратат дома. Не е време за патување во странство, изјави Димитров во ликовско вклучување за телевизија „24“.

Истакна дека иако неговата фукција налага да патува постојано, сепак ги откажал сите патувања.

– Имав панел и требаше да бидам во Париз, но се одржа дигитално. Сега и премиерот Спасовски имаше дигитална конференција со лидерите на Балканот што ја организираше канцеларот на Австрија, Себастијан Курц. Се се префрлува дигитално. Ќе имаме дигитална посета и на Михаил Рот, германскиот министер за европски прашања. Значи телефони и видео врски, наместо средби во живо, рече Димитров.