Димитров прв гостин кај германската министерка Лирман


Два дена по преземањето на должноста германската министерка за Европа, Ана Лирман го прими македонскиот вицепремиер  за европски прашања Никола Димитров и му кажала дека решително ќе се насочи кон почнување на преговорите на Македонија со ЕУ. Како што информира кабинетот на Димитров, на средбата Лирман посочила дека Македонија ги исполни сите услови за почеток на пристапните преговори, па поради тоа нејзиното дејствување ќе биде решително насочено кон остварување на оваа заедничка стратешка цел. Димитров рекол дека нашата земја е во Европа, но не е дел од Европската унија и ги претставил постигнувањата на земјата „како приказна на доследност и надеж за европската перспектива“.

Според соопштението Димитров ѝ пренесол на Лирман дека борбата за обединета, прогресивна Европа е наша заедничка борба, а дека на Германија гледа како на земја која е исклучително важен партнер и економски и политички и е еден столб на Европа.

„Македонското општество е подготвено за реформскиот процес за да ја доведеме дома истата Европа којашто вие ја живеете, тоа е задача на нашата генерација. Почетокот на пристапните преговори ќе ја насочи енергијата кон иднината и ќе нé направи победници во справувањето со современите предизвици како што се климатските промени и надминувањето на економскиот јаз преку продлабочена соработка, наместо кон минатото кое влече назад и во кое сите сме губитници. Нашиот случај е критично важен за позицијата на ЕУ во регионот во услови кога европскиот сон е разнишан, и многу важно за исполнување на целите на новата германска влада, меѓу кои е и Западниот Балкан”, нагласил Димитров на средбата со Лирман.