Димитров: Потребна ни е поддршка од пријателска Литванија за комплетирање на ЕУ со С. Македонија


Досието на Северна Македонија во Брисел беше кристално чисто и неусловено, но сепак и покрај силните заложби на германското претседателство, формалното отворање на преговорите во рамки на меѓувладина конференција сѐ уште не се случи поради несогласувањето на една држава, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во обраќање на состанокот на Парламентарната група за соработка меѓу Северна Македонија и Литванија.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашање, на состанокот посветен на унапредување на соработката во однос на процесот на европската интеграција на земјава, Димитров пред литванските парламентарци се осврна на историјатот на европската интеграција на Северна Македонија и пречките кои повеќе од една деценија ја оставија нашата држава во чекалната на ЕУ, но конечно доби зелено светло во март минатата година.

Димитров укажа и на цврстиот став за натамошна посветеност на внатрешниот реформски процес.

– Европеизацијата ни е потребна за да ја донесеме Европа дома, нагласи Димитров, посочувајќи дека процесот на пристапување е потребен токму како алатка за реформи.

Вицепремиерот побара поддршка од пријателска Литванија за процесот на проширување на ЕУ, истакнувајќи дека всушност станува збор за комплетирање на Европа.

– Почетокот на преговори на Северна Македонија со ЕУ ќе биде успех и за нашата држава, но и за сите земји членки и самата ЕУ, додаде Димитров.

Тој се осврна и на воспоставената соработка со Литванија во Вилнус групата, како платформа за поддршка на процесот на пристапување кон НАТО.

– Тогаш се договоривме да работиме сите заедно на патот кон членство во НАТО, па со влезот на Северна Македонија во НАТО се заокружи целта на оваа соработка, истакна Димитров, додавајќи дека соработката сега треба да продолжи во процесот на пристапување во Европската Унија.