Димитров: Посетата на Помпео потврда на значењето што САД го придаваат на нашиот успех


Посетата на државниот секретар Мајк Помпео е потврда на значењето што САД го придаваат на нашиот успех и најава на идното  сојузништво. Осумнаесет години од посетата на последниот државен секретар Колин Пауел кој дојде во едно кризно време, сега секретарот Помпео доаѓа во време на надеж и шанси, изјави шефот на дипломатијата Никола Димитров, пред пристигнувањето на државниот секретар Мајк Помпео на аеродромот во Охрид.

– Со САД имаме декларација за стратешко партнерство што се потпиша по неуспехот на Самитот во Букурешт 2008 година. Сега конечно како 30-та земја членка на НАТО ќе бидеме и формални сојузници со САД. Во таа смисла по Рим и Подгорица, ова е трето застанување во неговата европска турнеја. Сигналот е дека ова е стратешки важно за Вашингтон и истовремено со оглед на тајмингот на десетина дена пред одлуката што сите ја очекуваме од ЕУ, конечно да влеземе во следната фаза да ги почнеме пристапните преговори. Ова е порака од Америка кон ЕУ дека овој процес е многу важен и е стратешки и треба да успее. Во таа смисла јас сум убеден дека ќе има сигнал и позитивна порака кон ЕУ, рече Димитров во изјава за МРТВ.

Во однос на тоа дали земјава има реална шанса да стане 30-та членка на НАТО на Самитот во декември, Димитров рече дека процесот оди многу брзо и оти членството е извесно.

– Процесот оди многу брзо овие денови се заврши процедурата, да речеме во Парламентот во Лондон и следниве неколку дена министерот за надворешни на Велика Британија ќе го потпише пристапниот протокол. Помина и во Комитетот за надворешни работи на италијанскиот Сенат исто за две недели ќе се заврши процедурата, се надеваме и во Сенатот таму, така што работите си течат. Шпанија има избори и ќе биде многу мало време од формирањето на новиот шпански Парламент врз основа на исходот на изборите дали ќе успеат тоа да го завршат до 4 декември кога ќе биде Самитот. Она што е клучно е дека членството е извесно, ние ќе бидеме таму претставени убеден сум на највисоко ниво, рече Димитров.

Димитров, за преговорите за членство со ЕУ, вели дека изгледите се големи и оти е создадена атмосфера дека е време Европа да пресече, бидејќи во прашање е и кредибилитетот на Унијата.

– Успеавме да направиме атмосфера што е речиси невозможно да не ни се отвори вратата после добрососедската политика, после реформите, резултатите во домашната агенда. Вчера имаше едно извонредно силно писмо претседателот на Европскиот совет Туск, сега од Урсула фон дер Лајен, идниот претседател на Комисијата, од сегашниот претседател на Комисијата, Јункер итн. Мислам дека имаме огромна шанса за заеднички успех и наш и за регионот, бидејќи ова ќе биде порака и кон регионот и за самата ЕУ. Самиот тајминг на оваа посета на Помпео практично значи и порака кон Европа. Зошто доаѓа баш сега тука кај нас, рече Димитров пред пристигнувањето на Помпео во Охрид.