Димитров: Не се откажуваме ни од македонскиот идентите, ни од европската иднина


Прашањето на јазикот и идентитетот е резултат на еден историски процес и ние не можеме за тоа ниту да разговараме ниту да преговараме. Напорите уште продолжуваат. Меѓутоа ние немаме намера да дигнеме раце и да се откажеме од нашата европска иднина, ниту пак имаме намера да го допреме, или да дозволиме да биде допрен македонскиот идентитет. Тие две работи се комплементарни и ќе продолжиме да работиме на тој пат, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во интервју за Н1 за блокадата на Бугарија за почеток на преговорите со ЕУ.

– Прашањето на јазикот и на идентитетот е во срцето на внатрешните работи, на суверенитетот на една држава бидејќи е израз на правото на самоопределување, и во таа смисла, ниту еден сосед, ниту една држава има било каква правна основа во меѓународното право, па и во европското право, нам, на Македонците да ни кажува нешто околу македонскиот јазик. Тоа е наша работа. Многу е тешко за нашите граѓани да разберат, па и за мене искрено кажано, како може македонскиот јазик да е пречка за почеток на пристапни преговори за интеграција со една унија каде што јазичната различност е една од фундаменталните, една од темелните вредности. Исто така е тешко да разбереме како може македонскиот јазик да е пречка за добрососедски односи, кои што за да бидат вистина добрососедски, мора да почиваат на меѓусебна почит. Ако јас вам ви кажам каков мајчин јазик зборувате или не зборувате тоа значи дека не ве почитувам. Во таа смисла се соочуваме со еден сериозен предизвик, вели вицепремиерот Димитров.

Ние, појаснува тој, имаме комисија за историски прашања што ја формиравме врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со соседна Бугарија, и идејата беше историјата нека ја разговараат историчарите, а политиката да работи на денес и на подобро утре.

-Ние на Балканот имаме многу богата историја, меѓутоа како што често вели еден мој пријател: „убаво би било таа историја да биде учител, а не затвор“. И во таа смисла овие билатерални прашања се важни, работата на комисијата за историја е важна, ние во овие денови работиме, имаме отворено билатерални канали за да најдеме излез од ова прашање, меѓутоа решението не може да влијае врз нашето право на самоопределување. Македонскиот идентитет е резултат на еден историски процес и едноставно ние како политика не можеме за тоа ниту да разговараме ниту да преговараме. Истовремено мислам дека ова е една лоша порака за целиот регион. Ние добивме чисто зелено светло во март. Во оперативниот параграф на одлуката за почеток на пристапни преговори од Европскиот совет, нема услови за нашата Македонија, за Северна Македонија, и во оваа смисла, многу лошо е бидејќи на некој начин невозможноста да се постигне консензус испраќа порака дека кредибилитетот на Европската Унија не е таков каков што би сакале да биде, вели Димитров.

Тој потсетува дека ЕУ за овие прашања одлучува со консензус, како што спомна германскиот министер за европски прашања кој го води телото за општи работи (ГАК) Михаел Рот, сите држави освен една (Бугарија) – го поддржаа почетокот на пристапните преговори и првата меѓувладина конференција во декември,

-Напорите уште продолжуваат. Меѓутоа ние немаме намера да дигнеме раце и да се откажеме од нашата европска иднина, ниту пак имаме намера да го допреме, или да дозволиме да биде допрен македонскиот идентитет. Тие две работи се комплементарни и ќе продолжиме да работиме на тој пат. Ние изгубивме генерации чекајќи околу проблемот со Грција, потоа имавме две години со француската иницијатива да направи нова методологија на процесот на проширување, на пристапниот процес, и сега го имаме овој предизвик. Ќе биде лошо ако целата енергија ја посветиме на чекање. Мислам дека би сакале се разбира да успееме, меѓутоа ако не успееме ќе ја искористиме добрата волја во многу европски главни градови, ќе ги повикаме земјите членки да ни помогнат и ќе направиме една реформска агенда за да бидеме во добра кондиција тогаш кога ќе се променат околностите кон подобро. Немаме многу време, мислам дека немаме многу време не само кај нас, туку во целиот регион. Единствено решение младите луѓе да не ни одат во европски држави е нашите држави да ги направиме европски и мораме на тоа да работиме забрзано, немаме многу време, на некој начин сме во трка со времето во оваа смисла, вели вицепремиерот за европски прашања.

За тоа кој е следниот чекор за С Македонија, Димитров посочува дека се работи и со Софија на билатерално ниво и со ЕК и со германското претседателство, како и со земјите членки за изнаоѓање на решение.

– Ние во моментов имаме отворено канал, билатерален, со Софија каде се обидуваме да најдеме излез од ова решение. Истовремено сме во контакт со Европската комисија, со германското претседателство, со Берлин, и со многу други земји членки бидејќи прашањето беше ставено на маса, на европската маса, од страна на Бугарија, иако, како што многу од нашите европски пријатели велат: „овие билатерални прашања треба да се решаваат билатерално, не треба да го држат во заложништво целиот пристапен процес“. Така што работиме и на двата канала, и на билатералниот канал, и тука се обидуваме да најдеме излез од ова, и на европските да речеме земји членки, претседателството и Европската комисија. Ние почнавме многу голем процес со Бугарија преку Договорот за пријателство, нивното претседателство помогна многу да се врати процесот на проширување на агендата на ЕУ. Тие одржаа Самит 15 години после Самитот во Солун, во Софија во мај 2018 година и на некој начин тој влог е исто така под знак прашање. Сето тоа што го постигнавме заедно сега е соочено со еден ваков предизвик и јас сум убеден дека е можно достоинствено и европско решение и ние да бидеме победници, и Европа да биде победник, и регионот да биде победник, и наша соседна Бугарија да биде победник, вели Димитров.

За тоа како јазикот и историјата не се проблем со Бугарија за да биеме челнки на НАТО, а се проблем да бидеме член на ЕУ, тој вели дека со Софија сме сојузници во Алијансата од март годинава, но и дека нашиот македонски јазик и идентитет не е закана за никого, за ниту еден сосед.

-Во Европа сме, 21 век, дискусијата на државите би требало да се одвива во рамката на тоа што е пристојно, во рамката на меѓународното право, на европските вредности. Зборуваме многу за заедничка историја, за заедничко минато, меѓутоа треба да работиме и на заедничка европска иднина. Кога седите на масата, се разбира позицијата ви е посилна. Ние седиме на масата на НАТО и тука сме рамноправни, нормално дека во преговарачката позиција на Софија таа има подобра ситуација бидејќи е членка на ЕУ, меѓутоа суштински и долгорочно мислам имаме многу блиски интереси. Сакаме да бидеме пријатели, сакаме да имаме плодна економска соработка, мислам дека Бугарија има интерес од европеизација на своето соседство, на регионот каде и тие се дел на да речеме поширокиот регион на Балканот или Источен и Западен Балкан, така што порано или подоцна мислам дека ќе најдеме заеднички јазик. Во крајна линија, македонскиот и бугарскиот јазик се блиски и тоа би требало да ни помогне да се разбереме подобро, а не токму јазиците да бидат предмет на неразбирање, вели Димитров.

Во однос на НАТО, истакнува членството дава едно чувство на сигурност и на предвидливост дека македонската држава е тука и во овие граници и ќе остане тука и за пет и за 10 и за 50 години итн, а помага, меѓу другото и за привлекување странски инвеститори кои меѓу другото гледаат каква е политичката стабилност при нивните планови за инвесгтиорање.

-Имаше посебно пред пандемијата многу голем интерес кај странските ивеститори. Тој уште постоои меѓутоа за жал нашите планови да имаме една голема успешна економска година беа пресретнати од Ковид-19. Мислам дека штетите сепак успеавме да ги рационализираме, да ги намалиме, нема да бидат преголеми. Но за жал планот да имамем исклучително позитивна година за македонската економија меѓу другото и поради членството во НАТО нема да може да се исполни пред се зради рестриктивните мерки што моравме да ги воведеме за да се справиме со здравствената ситуација. Така што и ние како и сите други влади во светот се мачиме во тој баланс меѓу заштита на здравјето и животот и заштита на економијата, изјави Димитров.

Во интервјто зборува меѓу другото и за Преспанскиот договор за кој вели дека беше возможен токму заради тоа што идентитетот остана недопрен.

-Во Преспа е македонскиот јазик и нашето право на самоопределување како македонски народ, како Македонци. Така што оние кои прават компарација и кои велат „ако доволно долго ги притиснеме, пак ќе може да има …компромис прават на некој начин“, ние велиме „сметка без крчма“ бидејќи македонскиот идентитет е нешто околу кое што не можеме да направиме компромис без разлика со каков притисок би се соочиле и ќе се соочиме. Ниту оваа влада, ниту било која идна влада, порачува Димитров додавајќи дека со Грција… со Договорот отворивме нова страница во нашите односи и имаме доста заеднички интереси и иницијативи на кои што работиме, но кои се, исто така, забавени заради пандемијата.