Димитров: На вистината и на проблемите мора да им погледнеме во очи за да ги надминеме предизвиците

Фото: Б. Грданоски

Само преку искрен пристап кон отворените прашања и преку отворена комуникација со сите чинители во спроведување на ИПА може да ги придвижиме работите. На вистината и на проблемите  мора да им погледнеме во очи за да ги надминеме предизвиците, изјави денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров на заседанието на Заедничкиот мониторинг комитет, највисоко тело во рамките на користењето на ИПА фондовите.

На состанокот на Заедничкиот мониторинг комитет, со кое копретседаваше Димитров, учествуваат претставници на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, ИПА структурата, донатори и граѓански организации.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, на состанокот биле усвоени заеднички заклучоци кои ќе придонесат кон унапредување на утврдените слабости на системот.

 

– Секретаријатот за европски прашања редовно ќе го следи исполнувањето на овие заклучоци и препораки со строго утврдени рокови. Покрај генералното спроведување на ИПА, административните капацитети, големите инфраструктурни проекти, на состанокот се дискутираше и за проектите како што се градење на колекторскиот систем во Скопје, градење на железницата кон Бугарија, експресниот пат Градско Дреново, проектот за поддршка на туризмот, се наведува во соопштението.

На средбата посебен акцент бил ставен на административниот капацитет на ИПА структурата која што го носи товарот на спроведување од аспект на пополнување на испразнентите места, ефективното спроведување на тендерските постапки, како и одржливоста на проектите.

– Целта на овој форум е да се направи преглед на спроведувањето на ИПА меѓу два состаноци на комитетот, кои се одржуваат еднаш годишно. Ова е петти  по ред, а прв он-лајн состанок на комитетот поради ситуацијата со пандемијата предизвикана од ковид-19. Со состанокот копретседаваа вицепремиерот Никола Димитров и претставникот на Европската комисија, Дејвид Кален, се додава во соопштението на СЕП.