Димитров на видео конференција со амбасадорите на ЕУ


Усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на годината, ќе ги заокружи историските успеси на земјата по зеленото светло за отворање на пристапните преговори и членството во НАТО, порача вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на видео-конференциска средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Северна Македонија.

Вредностите и принципите на Унијата, според Димитров, зависат од тоа како ЕУ ќе се постави кон правото на самоопределување на македонскиот народ.

– Како Европската Унија ќе се постави кон ова прашање – правото на македонскиот народ на самоопределување – ќе влијае врз тоа дали и понатаму ќе можеме на Унијата да гледаме како на заедница на вредности и принципи, посочил Димитров, во однос на предизвиците со кои се соочува земјата во светло на одржувањето на Првата меѓувладина конференција.

На средбата, иницирана од амбасадорот и шеф на Делегацијата на ЕУ Дејвид Гир, по повод неодамнешниот Извештај на Европската комисија за Северна Македонија и пакетот за проширување, Димитров посочил дека истиот претставува објективна и сеопфатна проценка на нашиот напредок, идентификувајќи ги областите на кои треба да ги фокусираме реформските активности, со посебен акцент на приоритетните области поврзани со првиот Кластер – Темели.

Димитров, се вели во соопштението, исто така, информирал и за мерките што Владата ги презема за подобрување на ИПА структурата, односно за капацитетите на апсорпција на ЕУ фондовите.