Димитров на средби во германското МНР


По вчерашните средби со советниците на претседателот Франк-Валтер Штајнмаер и на канцеларката Ангела Меркел, вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска во германското Сојузно министерство за надворешни работи ги продолжува разговорите главно фокусирани на динамиката на усвојување на преговорачката рамка.
Како што соопшти СЕП, тој имаше средба со Забине Штер, ополномоштеник за ЕУ политики и со Сузане Шуц, директорка за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА, на која беше разговарано за напорите за затворање на преговорите за Повеќегодишната финансиска рамка 2021 – 2027, со што ќе се финализира и Рамката за финансиска поддршка за регионот. Во фокусот на средбата  беше, се посочува, и размена на мислења во однос на заедничката цел: отворање на пристапните преговори годинава.
-Во светло на  обезбедувањето на финансиска поддршка за земјите од Западен Балкан особено ќе биде значајно усвојувањето на Економскиот инвестициски план за регионот, во функција на забрзување на економскиот развој и подобар животен стандард на граѓаните во регионот, истакна Димитров.
Се разговараше и за можностите за зајакнување на билатералната соработка, имајќи ја предвид водечката улога на Германија како твининг партнер во спроведување на реформите во делот на владеење на правото, но и во областите на политика на конкуренција, јавни набавки, статистика, земјоделство итн, стои во соопштението.