Димитров на средба со Дачиќ: Политичарите колку и да се трудат не можат да ги расипат односите меѓу Македонија и Србија


Ивица Дачиќ и Никола Димитров за време на средбата во Ниш

Во првата посета надвор од Македонија за време на корона кризата, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, со српскиот колега Ивица Дачиќ во Ниш се заложија да понатамаошно градење на добрососедските односи за да може тие да бидат придонес за стабилноста на регионот.

Според соопштението на МНР Димитров нагласил „дека имаме среќа што блискоста, врските и пријателството меѓу нашите два народи, меѓу српскиот народ и македонскиот народ се толку цврсти што повремените најдобри напори на политиката не успеваат да му направат никаква штета на тоа пријателство. И за прашања за кои што немаме целосно исти ставови, имаме некои недоразбирања, важно е да бидеме блиски, да се гледаме, да комуницираме и да го зацврстиме тоа пријателство“.

Двајцата министри споделиле искуства во борбата со пандемијата предизвикана од вирусот Ковид 19, информации за епидемиолошкатите состојби во двете земји, планирани активности за натамошно ублажување на рестриктивните мерки согласно епидемиолошките препораки и можностите за нормализирање на режимот за движење меѓу двете земји.

Министрите се согласиле дека во пресрет на претстојните значајни одлуки во регионот, се очекуваат и подеднакво значајни чекори и одлуки од Европската унија во процесот на интеграцијата на двете држави, но и за другите земји во регионот.