Димитров на онлајн конференција со Палмер


Кризата со Ковид 19 е трансгранично прашање и приоритет за секоја влада на планетата. САД активно работат заедно со земјите од Западен Балкан, како и со партнерите во Европа за да помогнеме во глобалниот одговор на актуелната глобална закана, истакна американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Метју Палмер на он-лајн видео конференција „Дипломатија во кризни времиња и други алатки за влијание во Југоисточна Европа во доба на КОВИД-19“ што ја органзираа Економскиот форум во Делфи и Атлантскиот совет, на која учествува и шефот на дипломатијата на Северна Македонија, Никола Димитров.

– САД веднаш издвоија значителни средства за помош низ целиот свет. Дел од средствата се директна помош за земјите од Западен Балкан, а дел одат преку меѓународните институции за борба со пандемијата. САД се најголем поединечен контрибутор во меѓународните институции, вклучувајќи го системот на ОН, како и во Светска банка, ММФ, ЕБОР кои сега преземаат мерки за помош и поддршка на економиите во кризата од пандемијата. Подршка стигнува и од американските граѓани и компании како Кока Кола, Микрософт, ИБМ, рече Палмер, посочувајќи оти Гугл помогнал за креирање на информативен сајт за Ковид-19 во Северна Македонија.

Таа подршка, вели Палмер, е двонасочна – и земјите од регионот и помагаат на САД. Со заедничка соработка и солидарност беше направена репатријација на граѓаните затекнати во други земји.

– Тоа е манифестација на партнерство и солидарност. САД се во регионот и во Европа и стојат рамо до рамо со своите партнери и сојузници и активно работат за заеднички одговор на актуелниот предизвик со пандемијата на Ковид-19, истакна Палмер.

Александрос Диакопулос, советник за национална безбедност во кабинетот на премиерот на Грција, на онлајн дебатата посочи дека неговата земја досега успешно се справува со коронавирусот, а генерално таква е сликата и за целиот Балкан.

– Земјите од Балканот направија добра работа. Тоа е добро за регионот, зашто после многу години можеме да бидеме пример за останатите како реагиравме за пандемијата, рече Диакопулос.

Во однос на безедносоната ситуација, тој смета дека покрај индивидуалните напори на секоја земја, потребна е поширока меѓусебна соработка. Главниот збор во тоа, според него, треба да го имаат САД, кои треба да бидат фолусирани на регионот и Европа.

– Верувам дека треба да се засили соработката, наспроти конфронтацијата. Потребна е поголема соработка во регионот, меѓу земјите, поголема трансатлантска соработка и соработка со ЕУ. САД треба да ја предводат таа соработка, да не го напуштаат регионот, Европа и трансатлантските вредности со цел успешно да се справиме со проблемите кои ни претстојат зашто ќе се соочиме со многу тешки економски времиња во блиска иднина. Земјите сами не можат да се справат и тоа треба секому да му биде јасно, рече Диакопулос.