Димитров на конференција на „Економист“ во Атина


Грција – Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска, на покана на реномираниот магазин „Економист“, ќе учествува на 23.та тркалезна маса со грчката Влада, насловена „Европа: оставајќи ја неодлучноста зад себе?“ и ќе говори на панел дискусија посветена на предизвиците во надворешната политика. На маргините на конференцијата, предвидено е да оствари и низа билатерални средби, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот Димитров заедно со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, задолжен за европски прашања, Милтиадис Варвициотис, шефот на кипарската дипломатија, Никос Христодулидис, поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос и амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат, ќе дискутираат за состојбата на Балканот по Договорот од Преспа, како и за енергетските предзивици кои влијаат врз регионалната геополитика.

Конференцијата на „Економист“ започна вчера, а на различни панел дискусии учествуваа министри од новата грчка влада, шефот на ЕСМ Клаус Реглинг, но и поранешната помошничка државен секретар на САД, Викторија Нуланд, поранешната шефица на грчката дипломатија Дора Бакојани, поранешниот италијански премиер Матео Ренци.   Синоќа, на гала вечера, главен говорник беше поранешниот министер за внатрешни работи на Грција, Алексис Харицис.

Вториот ден од дводневната конференција ќе започне утрово со панел дискусијата за надворешната политика на која ќе учествува Димитров, а во текот на денот, на различни сесии свои обраќања ќе имаат и поранешниот и актуелниот грчки министер за одбрана, но и други министри од грчката влада.

Конференцијата на „Економист“, односно „23.та тркалезна маса со грчката Влада“ ќе заврши со гала вечера на која браќање ќе има министерот за развој и инвестиции на Грција, Адонис Георгиадис. Конференцијата првично беше закажана за 10 и 11 јули,  но беше презакажана за 16 и 17 јули, веројатно поради предвремените парламентарни избори во Грција.