Димитров – Маркуш: Словачката помош е повеќе од добредојдена


Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска имаше средба со амбасадорот на Република Словачка, Хенрик Маркуш, на која било разговарано за повеќе актуелни теми како процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, спроведувањето на европските реформи во земјата, како и за билатералната соработка.

Како што се наедува во соопштението од СЕП, соговорниците се осврнале на поддршката која Северна Македонија ја добива преку Словачка помош (Slovakia Aid) во работата на Националната конвенција за ЕУ како демократски форум за отворен и транспарентен дијалог за прашањата поврзани со пристапните преговори за членство во ЕУ.

-Во оваа фаза од нашиот пат кон ЕУ, поддршката од нашите билатерални партнери е повеќе од добредојдена. Република Словачка претставува одличен пример за патот кој Северна Македонија треба да го изоди во усвојувањето, прифаќањето и реализацијата на стратешките цели за членство во Европската Унија и апсорпцијата на европските фондови во тој процес, рекол Димитров на средбата.

За време на средбата вицдепремиерот се заблагодарил за поддршката која што Словачка континуирано ја обезбедува за Северна Македонија  преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ – за време на поплавите во 2017 година, во текот на мигрантската криза, како и неодамна најавената помош за справување со здравствените последици од Ковид-19.

Поздравувајќи ги успесите кои Северна Македонија ги постигна во изминатите три години, амбасадорот Маркуш истакна дека регионот и Европската Унија во овој момент имаат потреба од успешни приказни, а Северна Македонија има потенцијал да прерасне во пример за успешна трансформација, се посочува во соопштението од СЕП.