Димитров: Македонија ќе стане демократија со датум од ЕУ или не


Македонија ќе стане демократија, ни дала ЕУ датум или не, тврдеше шефот на дипломатијата Никола Димитров  на форумот организиран во рамки на Берлинскиот процес во Скопје.

-Северна Македонија ќе стане европска демократија, каде централно место зазема владеење на правото. Доколку ЕУ сака да ни помогне тој пат да биде помалку предизвикувачки, ќе биде повеќе од корисно за сите. Ние сме цврсто решени да одиме во тој правец”, рече Димитров.

На конференцијата на која учествува и бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева, покрај други министри од Западен Балкан, општ заклучок беше дека клучно за задржување на реформската агенда е ЕУ да си ги исполни обврските кон регионот. Во тој контекст, министерот Димитров, посочи дека пред априлските избори очекува клучна порака во март за потврда на досегашните залагања, особено што сега има две клучни состојки за успех.

-Прво имаме нова методологија и подобрен пристапен процес. Второ имаме два позитивни извештаја. Со тоа сметам дека имаме можност за напредок, порача Димитров.

Ако ЕУ сака да биде позитивна сила, истакна Димитров, треба да ги поттикне и да им покаже на лидерите од регионот дека вреди да се инвестира во решавање на тешките политички прашања и да продолжат со реформsкиот процес.

– Ако не успее, тогаш ќе биде навистина лоша порака, нагласи Димитров.

Во однос на претстојните избори во април, изрази очекување дека нашето општество сега е посозреано и дека ги научивме лекциите од 2015 и 2016 година.

– Сметам дека немаме луксуз да ги изгубиме овие избори бидејќи се уште се однесуваат на насоката на движење на државата. Ние сме за напредок, додека опозицијата е за враќање назад на некои прашања. Верувам дека од следните избори ќе може да дебатираме за други посуштествени прашања како животниот стандард. Сметам дека луѓето ќе ги препознаат овие прашања и ќе направат вистински избор, бидејќи ние сме за вистинакиот пат, рече Димитров.

Директорката за Југоисточна Европа, Турција и ЕФТА при германското МНР Сузана Шутц, изрази очекување за позитивна одлука во март за старт на прегoворите и дека новата методологија ги отстрани сомнежите на некои земји членки.

– Не сакам да гледам на реформите за владење на правото како нешто што се прави за добивање на препорака и задоволување на стандардите на некои ЕУ членки, но тоа е нешто што е од интерес на сите граѓани. Тоа не е морковот, туку нешто што државата го прави сама за себе и граѓаните, нагласи Шутц.Посочи дека луѓето од Западен Балкан не заминуваат во Германија само поради економски причини туку и поради корупцијата и несигурноста во институциите.

– Пораката од случајот на Северна Македонија е јасна и за нас, дека мора да постигнеме договор со Србија. Но, знаеме дека е неопходно да ги продолжиме и реформите бидејќи тие одат заедно за целосно интегрирање на регионот во ЕУ, рече косовскиот министер за надворешни работи Глаук Конјуфца.

Според Јосип Бркиќ, заменик министер за надворешни работи на БиХ  политиката не е вакуум и ако ЕУ не испорача во регионот тоа ќе го искористат други држави и региони.

– Новата ЕК мора да даде јасен одговор дали е можно проширување во нивниот мандат и да даде јасен одговор што откако БиХ ќе ги исполни сите реформи. Кога видовме дека по се што беше направено од Скопје и Тирана не беше исполнето очекувањето од ЕУ, тоа го отвори прашањето што ќе се случи откако БиХ ќе ги исполни сите тешки реформи. Верувам дека одлуката во март ќе има силна порака во земјите од регионот, изјави Бркиќ.