Димитров како Хан: и еврокомесарот лани ни закажа рандеву со историјата


„Ајде да се фатиме за работа, имате рандеву со историјата. Затоа нема време за губење. Ние сме само на почетокот од едно долго патување“. Вака зборуваше лани летото во Скопје еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, на почетокот на скрининг процесот за нашата земја во ЕК и во пресрет на референдумот за името, по потпишувањето на Преспанскиот договор.

Петнаесет месеци подоцна, со слична реторика настапи македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, но во поинаков контекст, со оглед на тоа што Северна Македонија сега е во фаза кога, пред заминувањето на овој состав на ЕК и доаѓањето на нов еврокомесар, очекува одлука од Европскиот совет дали до крајот на годинава ќе ги почне преговорите со ЕУ,

Во јули минатата година, во периодот на неизвесност околу имплементацијата на Преспанскиот договор, Хан, во обраќање пред Националниот совет за евроинтеграции, во македонското Собрание, укажа дека референдумот ќе биде важен за иднината на земјата и ги повика сите граѓани особено младите да го остварат демократското право оти како што посочи секој глас е битен.

Димитров, пак, денеска, говорејќи на панел дебата насловена „Договорот од Преспа – научените лекции за време на дипломатските преговори и меѓународната перспектива“, што се одржа во МНР, порача дека договорот меѓу Северна Македонија и Грција е еден по показателите за позитивните промени во општеството, желбата да се продолжи на патот на евроатланските интеграции и да се овозможи посигурна иднина за граѓаните.

-Одлуката на Советот на министри на 15 октомври и Европскиот совет на 17 и 18 октомври е наше рандеву со историјата. Ќе биде многу тешко да им кажеме на граѓаните – „ние не успеавме овој пат, ќе успееме 11-тиот пат“ – истакна Димитров, нагласувајќи дека земјава 14 години е кандидат за членство во ЕУ и има десет позитивни препораки  за почеток на преговорите.