Димитров: Ја започнуваме следната заслужена фаза од нашиот европски пат


И покрај вонредните околности предизвикани од ситуацијата со коронавирусот особено цениме што ЕУ најде време и волја веродостојно да оддаде признание на досега сработеното. Северна Македонија по 15 години во чекалната како земја кандидат и по разочарувањата во јуни 2018, јуни 2019 и октомври истата година, конечно го поминува прагот и ќе може да ја започне следната заслужена фаза од својот европски пат.

Ова го изјави шефот на дипломатијата Никола Димитров на заеедничката прес-конференција во Владата со премиерот Оливер Спасовски и вицепремиерот за евроинтеграција Бујар Османи, откако денеска Советот за општи работи на ниво на министри за надворешни работи на ЕУ постигна предлог заклучок за отпочнување на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

– Од сега натаму и ние ќе имаме почетна точка од кога ќе го мериме времето, од кога започнуваме позитивен натпревар со останатите во спроведувањето на реформите и во усвојувањето на европските стандарди. И досега но отсега па натаму уште повеќе од нас самите зависи. Северна Македонија конечно и безусловно ги започнува преговорите за членство во ЕУ, рече Димитров.