Димитров: Историчарите немаат мандат да преговараат за теми како придавката „македонски“


Ова е пораз на европската политика на Балканот – вака вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, ја оцени одлуката на министрите за надворешни прашања на ЕУ прашањето за одредување на првата меѓувладина конференција да не биде ставена на дневен ред на утрешниот состанок.

При гостувањето на вестите на Сител, Димитров рече дека во последните години, имаше наредок во односите со Бугарија, но последните чекори го доведуваат тоа во прашање. „Сепак, не сум убеден дека да го немавме Договорот за добрососедство сега ќе бевме сега во подобра ситуација. Ова е пораз на европската политика кон Балканот“, нагласи Димитров.

Во врска со проблемот што искрсна во однос на употребата на придавката „македонски“, Димитров рече дека мешовитата историска комисија нема мандат да отвора такви теми. „Историчарите немаат мандат да разговараат за овие прашања. Нивниот мандат е утврден со Договорот за добрососедство и пријателство. Многу прашања во изминатиот период излегуваат од рамката на Договорот, чија идеја беше историјата да им се препушти на историчарите, а политиката да се занимава со сегашноста и со иднината“, рече Димитров.

Според него, чудно е оти во документите често бегаат од Преспанскиот договор и велат дека тоа бил договор во кој тие не биле страна, дека ги обврзува само соседите. „Ако се повикуваат на Преспанскиот договор зошто тогаш би требало да зборуваме за македонскиот јазик кој што е кристално јасно наведен во членот 1 од Преспанскиот договор, така што тука има една контрадикција и неконзистентност“, рече Димитров.

Тој се осврна и на изјавата на еврокомесарот за проширување Оливер вархеи кој побара Македонија да им излезела во пресрет на загриженостите на Бугарија.

„Европската комисија и европските комесари меѓу другото се и чувари и промотори на европските вредности. Нешто што многу го слушавме кога имаше излагање при неговиот избор, еврокомесарот Вархеи со европските парламентарци, пред Европскиот парламент. И во таа смисла, според мене лично, ова беше асиметричен повик. За прашање што е јасно дека не е дел од копенхашките критериуми, за прашање што е наша работа, македонскиот јазик е во срцето на нашиот идентитет, тоа е наша работа, нашето изразување како македонски народ е наша работа. За едно вакво прашање мислам дека во најмала рака изјавата требаше да биде упатена кон двете земји, и кон земјата-членка“, оцени Димитров.