Димитров и Османи нема да се самоизолираат по Берлин

Фото: Б. Грданоски

Немало ризичен контакт а со тоа нема да има ни решенија за изолација за ниту еден член на македонската делегација што присуствуваше на состанокот во Берлин, заклучила Комисијата за заразни болести, соопштија од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) и од Министерството за надворешни работи (МНР).

Бугарското МНР денеска соопшти дека вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева е во самоизлација и се чека резултатот од нејзиниот ПЦР-тест, откако член од бугарската делегација бил позитивен на брз тест за ковид-19 на состанокот во Берлин во понеделникот на кој присуствуваа и вицепремиерот Никола Димитров и шефот на македонската дипломатијата, Бујар Османи заедно со претставници на Германија.

– Веднаш по добивање на информацијата дека постои можност дел од бугарската делегација, која беше присутна на состанокот во Берлин, да е позитивна на ковид-19, СЕП се обрати до Комисијата за заразни болести каде се изврши епидемиолошка проценка на ризик. Имајќи предвид дека сите мерки биле почитувани од страна на македонската делегација, односно сите претставници носеле маски и одржувале значителна дистанца, заклучокот од Комисијата е дека нема ризичен контакт и дека нема да се издаде решение за изолација за ниту еден член на македонската делегација, соопштија од СЕП.

Сепак, со оглед на тоа дека вицепремиерот Димитров во наредниот период ќе продолжи со интензивни активности и меѓународни контакти, од СЕП наведуваат дека тој ќе изврши редовно превентивно тестирање согласно проактивната политика за тестирање на СЕП.