Димитров: Франција и Балканот бијат битка за истите вредности


Финска – Министерот за надворешни работи Никола Димитров, пред почетокот на министерскиот состанок со ЕУ во Хелсинки, порача дека е подобро да се зборува за комплетирање на ЕУ наместо за нејзино проширување.

Запрашан за „противењето“ на Франција за почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија, Димитров рече дека според неговите информации Париз сѐ уште не заземал позиција по ова прашање и дека за неколку дена ќе отпатува во Франција на средби.

– Не треба да зборуваме за проширување, туку за комплетирање затоа што регионот е целосно опкружен со земји членки на ЕУ, мапата на Европа ќе остане иста откако овие земји ќе се зачленат, нема да се прошири, и ако го направиме ова како што треба, сите ќе бидеме добитници, она за што се бори Макрон во ЕУ е она за што ние се бориме во регионот, се бориме за истите вредности, изјави Димитров во Хелсинки.

Министерот потсети дека процесот на проширување се заснова на индивидуални заслуги и дека не треба да се зборува за пакети земји, како што е случај за Северна Македонија и Албанија.

– Најдобро е двете земји, две земји е подобро од една, но една е подобро од ниедна, а ние го немаме луксузот да пропуштаме шанси за успех, порача министерот пред почетокот на состанокот.

Новинарите не пропуштија да постават прашање и за случувањата околу Специјалното јавно обвинителство и разочарувањето кои тие го предизвикаа во однос на очекувањата за правда во земјата.

Зборувајќи за Катица Јанева, Димитров потсети дека таа е во притвор, но и дека треба да се почитува пресумпцијата на невиност.

– Сепак, има индикации дека е инволвирана што остава горчливо чувство бидејќи жедта за правда е огромна, она што е важно е дека кога проблемот е откриен, клучно е системот да реагира. Една личност не може да биде причина целата нација да се откаже, ние мораме да продолжиме, а патот е владеењето на правото, рече Никола Димитров.

Димитров и неговите колеги од регионот се поканети на неформалниот состанок за надворешни работи на ЕУ кој се одржува денеска во Хелсинки под финско претседателство.