Димитров: ЕУ иницијално ќе ни помогне со 69 милиони евра заради кризата од корона вирусот


Европската унија ќе и додели на нашата земја иницијална помош во износ од 69 милиони евра за справување со кризата предизвикана од епидемијата со корона вирусот, рече вечерва министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју на ТВ Телма.

„Од тоа, 4 милиони евра се за итна поддршка на здравствениот систем, околу 50 милиони евра за помош на економијата, 12 милиони евра за приватниот сектор и 3 милиони евра како директна буџетска поддршка“, изјави Димитров.

Оваа информација, како што рече, ја добил попладнево, и таа претставува важна порака за европската солидарност.

На забелешката дека ова се случува една недела откако ЕУ одлучи земјите од Западен Балкан да не можат да увезуваат медицинска помош, Димитров ја спореди Унијата како голем танкер, кој врти бавно, но кога ќе се зафати за некој проблем има робусен настап.

„Така беше и со глобалната финансиска криза и со кризата на еврозоната“, рече Димитров. Тој додаде дека ЕУ понекогаш не е многу вешта во презентацијата на својот настап, па често има разлика меѓу реалноста и перцепцијата за тоа што го прави.

Димитров рече дека многу земји членки на ЕУ се погодени од кризата со корона вирусот и дека има многу иницијативи за помош на државите, како на пример формирање фонд од 23 милијарди евра што го предлага Европската комисија, потоа сериозна помош преку Светската здравствена организација и тн.

„Со предизвикот да се балансира меѓу здравјето на луѓето и да се одржи економијата е баланс со кој се бават сите влади во светот. Ние ќе продолжиме да бараме помош од сите пријатели, и поединечно и како сојузи“, рече Димитров. (М.Ј.)