Димитров: Сакаат дома, а не сакаат во карантин


Фото: Б. Грданоски

 

Министерот за надворешни работи Никола Димитров извести денес на прес конференција дека околу  2.300 македонски граѓани се пријавиле дека се заглавени низ целиот свет, но таа бројка варира. Фокусот на МНР е да им  помогне на тие на нашиот континет.

-Ние немаме информација за нивната здравствена состојба, рече Димитров нагласувајќи дека државата не може редовно да организира хуманитарни летови, па тие што сакаат да се вратат да се пријават веднаш. Ниту еден од тие што биле пријавени во конзулатот во Истанбул, нагласи Димитров, откако дознале дека ќе бидат ставени во задолжителен карантин, одбиле да се качат во авионот кој требало да ги донесе преку Црна Гора.

-Упативме апел до нашите граѓани кои се во други држави да се пријават во дипломатските претставништва, за државата да организира враќање во татковината.До сега има пријавени 2.300 низ целиот свет, а концентрацијата е во европските држави. На владина седница разговаравме за ова и не задолжи нас во соработка со Министерството за транспорт и врски да организираме хуманитарни летови за да си ги донесеме граѓаните дома.Се формира и тело за задолжителен државен карантин. Врз основа на законските прописи за заштита на јавно здравје, владата одлучи сите кои ќе дојдат да бидат во државен карантин 15 дена. Ова е за да се заштити и другиот државен интерес, односно заштита на здравјето на сите кои се веќе во татковината, извести Димитров.

Тој ги повика сите кои се немаат пријавено на меил адреси и на телефони во дипломатските претставништва, да го сторат тоа до недела во 18 часот.

– Мора да имаме прецизни податоци за да организираме превоз – порача Димитров. Во договор со Црна Гора, имавме обид да ги донесеме заедно граѓаните од Истанбул, со државниот лет од Црна Гора. Штом ги информиравме дека ќе бидат во државен карантин, никој не сакаше да се качи на летот. Ако ова е индиција, можно е бројката да паѓа – рече министерот.

Во следните денови Димитров рече дека ќе организираат хуманитарен конвој од Црна Гора, каде има седумдесетина граѓани, а и тие ќе бидат во  карантин на трошок на државата.