Димитров: Да не се преправаме, денес ќе нема реална дискусија за владата


Фото: Б. Грданоски

Новите пратеници дојдоа денес да расправаат за програмата на новата влада и оценките што ги изнесоа за неа беа според нивната партиска позиција – дали се во власта или во опозиција. За едните програмата е квалитетна и ќе доведе до позитивни промени, за другите е нереална и неостварлива.

„Големите се изгледите владата да се изгласа. Пред нас е исклучително важен период. Се соочуваме со предизвици, како последиците од вирусот, европската агенда… Сакаме да почнеме преговори со ЕУ до крајот на годината така што имаме многу работа. Низ таа работа очекувам да дојдеме до нова ситуација во македонската демократија, опозицијата малку да учествува, да се дебатираат политики, а  не како сега само да се напаѓа“, порача при влегувањето Никола Димитров, кандидат за вицепремиер за евроинтеграција.

На прашањето кое се адутите на новата влада со кои ќе ја убедува опозицијата да гласа за нејзината програма, Димитров одговори:

„Не треба да се преправаме дека овде ќе има реална дискусија. Од првата конститутивна седница стана јасно дека нивото е она од минатиот парламент, така што интимно, дури и некој од опозицијата да го убедиме, граѓаните тоа нема да го видат“, рече Димитров.

Околу увереноста дека ќе почнат преговори со ЕУ тој објасни дека за неколку дена државите членки на Унијата почнуваат да ја дебатираат преговарачката рамка.

„Предлогот, како што паметите, го подготви ЕК, а канцеларката Ангела Меркел, како  претседавач со ЕУ, во ЕП изјави дека прв надворешно-политички приоритет на германското претседателство ќе биде отворање на пристапни опреговори со Северна Македонија и по можност со Албанија. Така што, со германското претседателство и со една ваква фокусирана влада ќе засукаме ракави, а  нашата намера е да нема ниту едно оправдување да немаме консензус за почетокот на преговорите. Многу време изгубивме, го отворивме патот, време е да зачекориме“, порача Димитров.

Халил Слопче од коалицијата на Алијанса и Алтернатива не веруваше, сепак, дека сѐ што напишале СДСМ и ДУИ во новата владина програма ќе го остварат. Според него, многу од ветувањата внатре се нереални, како што оцени дури 90 отсто, споменувајќи ги делот за туризмот, иновациите и стратапите, поради што најави дека нивните пратеници нема да гласаат за новата влада.

Арбр Адеми од ДУИ оцени дека се работи за хармонизирана програма на двете политички партии, така што очекува таа да се реализира.

„Во делот на образованието има доста позитивни работи со кои може да се постигне успех. Така што, програмата е квалитетна, но се квалитетни и кадрите што се предложени во составот на владата“, оцени Адеми.

Седницата почна со педесетминутно доцнење.

Новата влада ќе биде без министри без ресор, а, според досегашните најави, ќе има четворица вицепремиери, односно ќе брои 20 членови, вклучително со премиерот, наместо досегашните 27. СДСМ ќе има 11 министри, од кои осум со ресор и тројца вицепремиери кои ќе бидат предложени како министри без ресор со одредена надлежност. ДУИ во владата ќе има шест члена, а Артан Груби ќе биде „прв“ вицепремиер и министер за политички систем. По еден министер – за локална самоуправа и за земојделство имаат колаициските партнери од „Можеме“ – ЛДП (Горан Милевски) и Беса (Аријанит Хоџа). (С.Ј.)